Охридското Езеро го доби првото „Бело знаме“ - симбол за чиста вода

 

Во Охрид денеска на плажата пред хотелот „Инекс Горица“ на свечен начин беше подигнато првото бело знаме во Република Македонија, како меѓународен симбол на еколошки третиран дел од крајбрежјето на Охридското Езеро.

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, обраќајќи се пред присутните на церемонијата на која му беше предадено „белото знаме“, истакна дека ова е уште едно признание за Охрид кој веќе се наоѓа на светската мапа по својата чистота, сето она што ни го дала природата, а нашите предци ни го предале нам да го чуваме за идните поколенија.

- Ова што денеска се случи во Охрид е на некој начин апел до сите да се грижат за водите, не само во Македонија туку во целиот свет, имајќи предвид што значи чистата вода за човештвото...Нека биде ова мотив не само делови од крајбрежјето на Охридското Езеро да ги чуваме од загадување, туку да се грижиме за него во целина и да го зачуваме за во иднина, истакна претседателот Иванов.

Проектот се спроведува во организација на Глобалното здружение за подигање на свеста за подводниот свет (ГУВАА), непрофитно еколошко здружение со седиште во Норвешка, кое цели кон чистење на морињата, реките и езерата, како и кон подигање на свеста за последиците од загадувањето на водите, поголема еколошка одговорност и акција.

Претседателот на ГУВАА Кристијан Цуревиќ, говорејќи за значењето на првото бело знаме во Македонија, истакна дека се работи за единствен симбол во светот што означува чистота на водите.

- Белото знаме денеска оди во четири држави, а Република Македонија е една од тие први држави вклучени во оваа кампања. Навикнати сме речиси секогаш да ги следиме светските трендови во областа на екологијата, овојпат од нашите простори создадовме симбол што ќе го следи целиот свет. Белото знаме не може да се купи, тоа мора да се заслужи, истакна Цуревиќ.

Тој се заблагодари на нуркачот Киро Ангелески, кој изминатите две години заедно со група нуркачи од Спелеонуркачкиот клуб „Врело“ учествувал во бројни акции за чистење на водите во светот и преку тие активности успеа да ја вклучи Република Македонија меѓу првите држави што се дел од проектот „Бело знаме“.

- Токму преку тие активности Македонија го заслужи овој знак, интензивно работејќи за да го добие. „Белото знаме“ за две-три години ќе биде во 60 држави во светот, како синоним симбол на чистите води. За Македонија истовремено тоа многу ќе значи во насока на промоција на туризмот и луѓето кои ќе ги привлече на ова прекрасно езеро, додаде Цуревиќ.

„Белото знеме“ како симбол првпат е поставено во Монако, Франција, а во регионот слични манифестации се одржани во Словенија, Хрватска и БиХ. Глобален амбасадор на ГУВАА е актерот Арманд Асанте, додека амбасадор на организацијата за Македонија е Влатко Стефановски.

05.10.2014 - 13:30

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега