ФОТО: Бела ноќ во Скопје - еве каква беше атмосферата

 

Вчеравечер градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, во Галеријата Даут пашин амам ја прогласи за отворена  традиционалната, 10-та по ред БЕЛА НОЌ 2014, којашто траеше до раните утрински часови на многу локации низ градот Скопје.

 Градоначалникот Трајановски присуствуваше на неколку уметнички перформанси и посети голем број локации што вчеравечер беа дел од Манифестацијата „Бела ноќ“ 2014.

 

 - Ми претставува огромна чест и задоволство што вечерва сум овде со вас на 10-тата традиционална „Бела ноќ“ 2014. Овој мал јубилеј, ќе го одбележат десет музички настани, 10 ликовни изложби, а на многубројните перформанси што вечерва ќе го раздвижат Скопје, ќе учествуваат уметници од 10 земји од светот. И на оваа Бела ноќ ќе има настани за сечиј вкус и се надевам дека и годинава секој од нас  ќе ужива во сопствениот избор уметност. Оваа 10-та јубилејна Бела ноќ се надевам дека ќе привлече најголем број посетители, впрочем како што заслужува еден ваков јубилеј, а ние сме овде за да го поддржиме овој настан и да ја осигураме неговата иднина, затоа ќе ја искористам можноста да ви пожелам убава вечер и да ве поканам да дојдете и на идната 11-та „Бела ноќ“, што ќе се одржи ова време, идната година, истакна градоначалникот Трајановски.

 

 Директорот на организаторот на „Бела ноќ“- Младинскиот културен центар-Скопје, Златко Стевковски, потенцираше дека му претставува задоволство што Бела ноќ полни десет години и им се заблагодари на сите оние граѓани, но и на сите учесници коишто биле дел од организацијата и реализацијата на оваа Манифестација, којашто своите скромни почетоци ги имаше на почетокот на месец октомври далечната 2005-та година.

 

 Бела ноќ 2014 почна во Националната галерија Даут пашин амам, каде што беше организирана изложба насловена како „ЕДЕН ВЕК (РЕТРОСПЕКТИВА)“ од раѓањето на Василие Поповиќ – Цицо, основоположникот на македонската сценографија, карикатурист и сликар. Изложбата за отворена ја прогласи, професеорот и режисер Љубиша Георгиевски.

 

 - Чувствувам необично задоволство што сум овде, но чувствувам и необична возбуда што не е карактеристична за мои години, што ја имам можноста да ја прогласам за отворена оваа изложба на великанот Цицо, без кого не можеше да се замисли почетокот на театарската уметност во Македонија. Долго размислував како со еден збор да ја прогласам за отворена оваа феноменална изложба и тогаш решив да ви откријам дека „ВАСИЛИЕ ПОПОВИЌ-ЦИЦО Е ЖИВ“, а доказ за тоа се овие дела изложени овде во една од најубавите галерии во светот, рече Георгиевски.

 

 Во јубилејното десетто издание на БЕЛА НОЌ, што е во организација на Младинскиот културен центар-Скопје, а под покровителство на Град Скопје,  беа  опфатени следниве области: визуелни уметности (ликовна уметност, фотографија, инсталација, видеоарт, стрип, кибернетичка уметност), применети уметности (архитектура, визуелен/индустриски/веб дизајн, дигитални креации), поезија, музика, филм и јавна уметност и урбани точки.

 

 Како и во изминатите години, така и оваа Бела ноќ се одвиваше на многу локации низ градот, а меѓу нив беа и: Младински културен центар (Галерија МКЦ) со инсталацијата БЕЛО ЗА БЕЛА НОЌ на Атанас Атанасов, Музеј на современата уметност со постојаната поставка СОЛИДАРНОСТА-НЕДОВРШЕН ПРОЕКТ?, ГАЛЕРИЈА АРТЕ со БОИТЕ НА МАКЕДОНИЈА, Музеј на град Скопје со изложбата СРЕДНОВЕКОВЕН ФРЕСКО-ЖИВОПИС, ГАЛЕРИЈА 3М со ИЗБОРОТ НА ГАЛЕРИЈА ЗМ, ГАЛЕРИЈА ГРАЛ со изложбата ВО СРЦЕТО НА БАЛКАНОТ – РАКАТА ГЛЕДА, Излoжба на Глигор Чемерски по повод неговото прогласување за почесен член на Руската академија на уметности, ДОМ НА КУЛТУРАТА КОЧО РАЦИН( Голем салон) ПАТИШТА (на Балканот), изложба на Балканската група Турборенесанса, КУЛТУРНО ИНФОРМАТИВЕН ЦЕНТАР (ИЗЛОЖБЕН САЛОН ИМПЕРИЈАЛ 1) НАДРЕАЛИЗАМ, изложба на Спасе Куновски,Благоја Николовски и Кирил Ефремов и ГАЛЕРИЈА 8, во која за посетителите ќе биде поставена ГРУПНА ИЗЛОЖБА, а сите настани ќе бидат бесплатни и отворени за сите љубители на уметноста. И годинава во Градското кино Милениум се одржа 24 часовниот филмски маратон на најпознатите и најактуелни хитови од седмата уметност.

 

 Бидејќи е десетто издание на Бела ноќ, на многу локации низ централното градско подрачје беа поставени и 10 музички сцени каде многубројната публика можеше да слушне рок, џез, хип-хоп, хеви метал музика, а уметниците  потекнуваа од сите страни на светот: Јапонија, Велика Британија, Франција, Австрија и речиси од сите земји на Балканот.

05.10.2014 - 12:37

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега