Фестивал на органска храна

 

 

Отворање специјализирани продавници за органска храна низ цела Македонија и воведување органски производи на менијата во градинките, планира државата.

Како што информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со цел промовирање на здравите навики кај потрошувачите, ќе се спроведува и интензивна кампања, а во оваа насока е и утрешниот традиционален Фестивал на органска храна што се организира седми пат.

- Целта на Фестивалот е да ја промовираме органската храна како најприродна и најздрава, произведена според сите светски стандарди. Новина годинава е тоа што на манифестацијата ја вклучуваме најмладата популација - дечињата од градинките кои се во првата фаза од социјализацијата. Идејата е органската храна да се воведе во овие установи, да се наметне од најмали нозе, рече денеска Моме Младеновски од МЗШВ на средба со новинарите.

Младеновски, кој воедно е и претседател на Здружението на одгледувачи на домашната раса овци „праменка овчеполка“, најави наскоро отворање специјализирана продавница за органски млечни и месни производи.

Фестивалот на органска храна ќе се одржи во трговскиот центар „Капитол“ во општина Аеродром со поддршка на Министерството за земјоделство. Во манифестацијата е вклучена и Организацијата на потрошувачите (ОПМ). Посетителите ќе имаат можност да вкусат органски овчо сирење и месо, компири, маслинки, ореви, бадеми, пчеларски производи,...

- Фестивалот се совпаѓа со одбележувањето на Зелената недела во светски рамки. Со тоа, практично, и Македонија се вклучува во целокупното глобално движење за промовирање на органската храна, истакна Маријана Лончар од ОПМ.

Стефанка Аргакиева, педагог од градинката „Срничка“ во Аеродром која ќе биде влучена во Фестивалот, а згрижува околу 1.500 деца, порача дека навиките за здрава исхрана се стекнуваат од најмала возраст. 

03.10.2014 - 15:46

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега