Внимавајте: Нови и поостри казни за сообраќајни прекршоци

 

Да се подигне јавната свест за почитување на сообраќајните правила за учесниците во сообраќајот, е главната цела на новиот  Предлог-закон за безбедност на сообраќајот на патиштата,  а во кој се предвидени измени во делот од превенција, преку воведување нови сообраќајни прекршоци, па се до заострување на санкциите и казните на посточките, воедно и за усогласување со Законoт за прекршоци.

Со новиот Предлог-закон покрај прекршочниот платен налог, се воведува мандатен платен налог во околу 84 помали прекршоци за безбедноста на сообраќајот. Тоа значи дека доколку во предвидениот рок не се плати определената глоба или до 30-oт ден не се запишат негативните поени во возачката книшка, тогаш налогот веднаш оди на извршување во Управата за јавни приходи. Најкарактеристични случаи за кои е предвиден мандатен платен налог е брзото возење, возење под дејство на алкохол и непрописно паркирање и запирање.

Како што информираат од МВР во населено место доколку се надмине брзината од 50 километри на час казната за физичките лица е 500 евра во денарска против вредност или 65 негативни поени и заштитна мерка забрана за управување со возило од 6 до 12 месеци. До 10 километри на час над дозволената брзина казната е 20 евра, од 10 до 30 километри 45 евра или 25 негативни бода, од 30 до 50 километри на час поголема брзина од дозволената во населено место казната е 300 евра или 50 негативни бодови и заштитна мерка забрана за управување со возило од 3 до 12 месеци.

Надвор од населено место за надминување на дозволената брзина до 30 километри на час глобата е 10 евра или 10 негативни бода на возачката книшка, од 30 до 50 глоба од 45 евра во денарска против вредност или 25 негативни бодови, од 50 до 70 километри на час над дозволеното глобата е 300 евра или 50 бода и заштитна мерка забрана за управување со возило од 3 до 12 месеци, и 70 километри на час над дозволеното казната е 500 евра или 65 негативни бодови и заштитна мерка забрана за управување со возило од 6 до 12 месеци.

Правните лица, согласно новиот Предлог-закон за сообраќајните прекршоци главно ќе плаќаат глоба од 1.000 евра, а одговорното лице во правниот субјект 30 проценти од утврдената глоба.

Што се однесува до алкохолот измени има во однос на професионалните возачи и тоа до 0,5 промили алкохол во крвта глобата е 200 евра или 40 негативни бодови, од 0,51 до 1 промил 250 евра или 40 поени, од 1,01 до 1,50 глоба 300 евра или 50 поени, од 1,51 до 2 промили алкохол во крвта глобата е 350 евра или 55 поени, а над 2 промили 400 евра или 60 казнени поени. За сите овие е предвидена и заштитна мерка  забрана за управување со возило од 3 до 12 месеци.

Новина во Предлог-законот е тоа што е предвидено лицата да можат да бидат задржани во Полициска станица се до нивно отрезнување, а најмногу до 12 часа.

За сигурносниот појас доколку не го користи возачот глоба е предвидено од 45 евра во денарска против вредност или 25 негативни бода, додека за сопатниците казната е 50 евра. Говорење на мобилен на возачот ќе се казнува со 45 евра или 25 поени.

Со овој Предлог-закон велосипедистите за должни да имаат на предната страна бело светло и катадиоптер, во спротивно ќе плаќаат глоба од 50 евра.

Новини има и во делот на автошколите односно задолжително е доопремување со камери на просториите и на возилата на автошколите за да се регистрира дали кандидатот ја поминал целата предвидена програма. Ако се утврди дека уредот не е вклучен, појаснуваат од МВР, тој наставен час ќе треба да се повтори на сметка на автошколата. Доколку се утврдат неправилности, а надзорот го врши МВР, се изрекува времено решение за отстранување на недостатоците во период од 30 дена. Ако и во тој рок не се отстранат посочените недостатоци им се одзема лиценцата на автошколите. Се воведуваат и лиценци за стручниот кадар во Автошколите и за членовите на комисиите пред кои се полага. Овие лиценци ќе се издаваат за период од пет години, а доколку во текот на тој период се констатира двапати прекршоци таа се одзема.

Од МВР најавија дека од април 2017 година ќе се издаваат нови возачки дозволи со чип. Се воведуваат и две нови категории за управување со возило и тоа АМ и А2.

Од МВР посочија дека 2006 година до 2014 година на годишно ниво во сообраќајни несреќи животот го губат 157 лица. Во 2014 година до септември благодарение на поголемиот број акциски контроли и кампањи бројот на жртви од сообраќајки е намален на 93 лица. Според информациите од МВР, најголемиот број сообраќајни несреќи се случуваат во населени места и тоа во јули и август и тоа на сув коловоз. Во просек 6.285 лица се повредени во сообраќјните несреќи. 

03.10.2014 - 13:07

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега