Договорена соработка со Универзитетскиот клинички центар Мотов од Прага

 

Премиерот Никола Груевски денеска во Прага го посети  Универзитетскиот клинички центар Мотов, кој е главен медицински центар во Чешката Република.

На средбата со директорот Мартин Холцман, кој е и поранешен министер за здравство на Чешка, јави известувачот на МИА, беше договорено следниот период да се воспостави соработка помеѓу овој Центар и македонските јавни здравствени установи.

За таа цел беше потпишан и Меморандум за соработка, според кој е дефинирано во следниот период претставници на двете страни ќе ги прецизираат конкретните медицински области на соработка, како и динамиката и временските интервали во кои македонски доктори ќе престојуваат во клиниката Мотов и ќе стекнуваат знаења и вештини за напредните медицински методи и техники кои се употребуваат во овој Центар, како и периодите во кои чешките лекари ќе престојуваат во нашата земја и ќе го пренесуваат своето знаење на македонските колеги.

Премиерот Груевски рече дека од разговорот што го имале е увидено дека тие се најдалеку отидени во делот на третманот на детските болести.

- Наскоро по потпишувањето на овој меморандум, Министерството за здравство ќе влезе во детали, во разработка на договорот. Очекуваме тоа да се заврши за месец-два, по што ќе почне селектирање на лекари, сестри и друг медицински персонал кои би доаѓале во Прага, во Универзитетскиот клинички центар, точно на оние клиники каде што се најнапред отидени во однос на другите европски клиники, истака Груевски.

Директорот Холцман истакна дека воспоставената соработка ќе биде од интерес за двете земји.

- Многу сме заинтересирани за соработката, бидејќи тоа е можност како да се прошири и нашата работа. Сметаме дека можеме да ви пренесеме наши искуства, но убедени дека сме дека и ние ќе добиеме ваши искуства кои ќе ни бидат од корист. Се договоривме да дојде до размена на лекарски тимови и на помошен медицински персонал, за што зборува и Меморандумот што денеска го потпишавме, рече Холцман.

Универзитетската клиника Мотов има над 1.100 доктори и над 2.000 помошен медицински персонал, а особено се истакнува во сферата на педијатријата и медицинската заштита на децата, области во кои медицинските лица од оваа болница применуваат најнапредни и најсовремени методи на дијагностика и лекување на пациентите. Мотов е една од најконкурентните болници во европски рамки во оваа област.

02.10.2014 - 17:51

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега