Премиерот Груевски во посета на Чешка

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, на покана на неговиот чешки колега Бохуслав Соботка, денеска ќе престојува во официјална посета на Чешката Република.

Двајцата премиери, јави известувачот на МИА, ќе имаат тет-а-тет средба, по што следат разговори на двете делегации.

Тема на разговорите ќе бидат политичките односи меѓу Македонија и Чешка, како и економските релации и можностите за зголемување на застапеноста на чешките компании на македонскиот пазар.

На средбата ќе стане збор и за европската и евроатлантската интеграција на Македонија, како и за можностите за унапредување на соработката во областа на образованието, културата и здравството.

Двајцата премиери ќе присуствуваат и на потпишување Меморандум за разбирање помеѓу Центарот за управување со кризи на Република Македонија и Противпожарната служба на Чешката Република, по што ќе следат заеднички изјави.

Премиерот Груевски заедно со чешкиот премиер Соботка ќе го отворат Бизнис форумот за трговски и инвестициски можности на чешките компании во Македонија, каде претставници на чешки компании ќе имаат можност да ги презентираат своите проекти пред претставници на македонското Министерство за економија и Агенцијата за странски инвестиции.

Во рамки на официјалната посета во Прага, премиерот Груевски ќе има средба и со претседателот на Чешка, Милош Земан.

Предвидена е и посета на универзитетската болница Мотол и потпишување меморандум за разбирање.

Во делегацијата предводена од македонскиот премиер се и министерот за надворешни работи Никола Попоски, заменик министерот за економија Христијан Делев и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции Климент Шекеровски.

Политичките односи Македонија – Чешка се карактеризираат со пријателство и разбирање и со заемни заложби за нивно натамошно унапредување и продлабочување. Билатералните односи особено добија на интензитет со отворањето амбасади во Скопје и Прага, во 2006 и 2008 година.

Во однос на економската соработка, вкупната трговска размена со Чешка бележи континуиран раст и во првата половина на 2014 година изнесува 77,6 милиони долари. Најважни извозни артикли на Македонија во Чешката Република се автомобилските делови и виното. 

02.10.2014 - 09:12

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега