Македонските компании дискутираа за можностите за извоз и предизвиците со кои се соочуваат

 

Во организација на Македонија 2025 се одржа тркалезна маса на тема "Развој на извозот и можности за трговски партнерства". Со тркалезната маса претседаваа Вера Ставроф, претседател и извршен директор на HerbalScience и член на Одборот на директори на Македонија 2025 и Живко Мукаетов, извршен директор и претседател на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, исто така член на Одборот на директори на Македонија 2025.

На тркалезната маса учествуваа некои од најуспешните македонски компании од кондиторската индустрија, производители на вино и други прехрамбени производи кои веќе успешно извезуваат во регионот но и во светски рамки.

На тркалезната маса се дискутираа можностите за извоз на македонските компании, предизвиците со кои се соочуваат при откривање на нови пазари и промените кои треба да бидат имплементирани за да бидат поконкурентни.

Мукаетов истакна дека овие се некои од клучните индустрии кои би можеле да и помогнат на Македонија да се позиционира како светски препознатлив бренд.  Но, за да може сето тоа да се реализира потребна е синергија во дејствувањето на македонската бизнис заедница, институциите и на македонската бизнис дијаспора.

Македонија2025 како организација која има за цел да го помогне економскиот развој на земјата, преку својата глобална мрежа се труди да им ги отвори вратите на иновативните македонски компании кон светот.

Тркалезната маса беше настан кој го најавува Форумот кој Македонија2025 ќе го одржи во Торонто, Канада на 23 и 24 октомври. Покрај бројните претставници од Северна Америка на Форумот ќе учествуваат и владини претставници од Македонија кои ќе ги презентираат инвестициските потенцијали на земјата како и бизнис делегација од Македонија.

 

01.10.2014 - 20:18

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега