ВМРО-ДПМНЕ:Со поотчетно работење на институциите до подобри административни услуги за граѓаните

 

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го продолжи солидно трасираниот пат на реформата на јавната администрација. Продолживме со креирањето на политики во областа на управувањето со човечките ресурси, како еден од најважните столбови на кои се потпира реформата. Во таа смисла, изработивме и објавивме серија на подзаконски акти кои произлегуваат од двата реформски закони- Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници, истакна Марта Арсовска Томовска на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.

Забрзано работиме на подготовката на Каталогот на работни места, единствената систематизирана листа со описи на сите работни места во јавниот сектор, но и на Регистарот на вработени во јавниот сектор, како единствена евиденција на сите вработени во јавниот сектор. Ваквиот Регистар ќе биде дел од интегрираниот електронски систем за управување со човечки ресурси во јавната администрација, еден од најкомплексните и најобемните системи имплементирани во државните и во јавните институции. 

Во рамките на оваа реформа, во која нашите вработени се најголемиот капитал и најважниот ресурс на кој се потпира функционирањето на институциите, продолживме со подготовка на квалитетни обуки заради унапредување на нивните компетенции, знаења и вештини. Во следните 3 месеци, преку серија обуки кои ќе се одржат низ цела територија на Република Македонија, а со поддршка на амбасадите на Велика Британија и Франција, ќе се пренесуваат искуства и добри практики од функционирањето на нивните администрации.

Во рамки на проектот Менаџмент и работна етика, работиме на воспоставување на порталот administracija.mk, преку кој вработените во јавната администрација ќе имаат можност да се информираат за меѓународните стандарди во работењето и етичките норми на однесување, но и за претстојните обуки за вработените преку системите за учење на далечина и микроучење, како и за сите новини во врска со нивната работа во јавната администрација.

Воведувањето на задолжителна функционална анализа како алатка за унапредување на организациска структура, оптимизација на работните прoцеси и подобрување на институционалната ефикасност во иднина ќе биде и една од законски утврдените обврски на институциите на јавниот сектор. Во оваа насока, би сакала да ве информирам дека една од институциите кои беа формирани минатата година, Инспекцискиот совет, почна со активна работа. Советот подготви анализа за техничката, просторната и кадровската екипираност на инспекторатите и инспекциските служби. Во тек е подготовка проектна документација за електронскиот систем, ткн. е-Инспекторати, кој ќе претставува централно решение за водење на предметите од инспекцискиот надзор со примена на бар кодови, како и координација инспекциските надзори.

Во правец на подобрување на ефикасноста на управните постапки, поефикасно и поотчетно работење на институциите при обезбедување на административни услуги кон граѓаните и компаниите, подготвивме и нов предлог на еден од најважните системски закони во државата  - Законот за општа управна постапка. Во тек се активности за воспоставување на едношалтерски центар каде на едно место ќе може да се добијат услуги од повеќе државни институции, како и воспоставување на повикувачки (кол-центар) за координација на размената на документи меѓу институциите, како и модернизација и проширување на постоечкиот систем за интероперабилност, со што ќе се овозможи електронска размена на податоци за 34 државни институции.

Ќе продолжи надградба на системот за онлајн наплата на административни и други такси и надоместоци со помош на платежни картички. Платежниот портал ќе биде интегриран со интерните системи на институциите а ќе биде зголемен и бројот на услуги за кои надоместоци ќе се плаќаат преку мобилен телефон.

Во рамките на доследно информирање на јавноста, транспарентно и отчетно работење на државните институции, работиме на надградба на порталот за отворени владини податоци. Истовремено, го унапредивме и Единствениот национален електронски регистар на прописи, кој претставува единствена точка за информирање и консултации со јавноста во врска со предлозите на закони и подзаконски акти, пред истите да бидат разгледани и усвоени од Владата.  

Во насока на унапредување на користењето на електронските комуникации, разбирајќи го значењето кое за општествениот и економскиот просперитет го имаат електронските комуникациски услуги и сакајќи да постигнеме повисоко ниво на заштита на потрошувачите, на почетокот на оваа недела во Будва потпишавме Спогодбата за намалување на цените на услугите во роаминг во јавните мобилни комуникациски мрежи. Со тоа отворивме пат, нашите граѓани поевтино да разговараат, да комуницираат преку СМС пораки и да користат Интернет додека патуваат во соседните земји, и тоа во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, а наскоро очекуваме да се приклучат и Албанија и Турција.

Продолжуваме со посветена работа и развој на информатичкото општество, како еден од најважните фактори за зголемување на македонската конкурентност. Во изминатиот период посетивме повеќе ИКТ компании и странски инвестиции од оваа област, организиравме настани и натпревари за млади и перспективни информатичари, работиме на развој на долгорочна стратегија за развој на општество базирано на знаење.

Работиме тимски, вредно и транспарентно. Се грижиме за развојот на нашата држава и обезбедуваме услови за поквалитетен живот на нашите граѓани.

За граѓаните кои немаат финансиска можност да се вклучат во современите технолошки текови, граѓаните од социјално ранливите категории, во соработка со инфоратичките комори воспоставивме систем за донации за компјутерска опрема, и тоа преку веб портал, бесплатен телефонски број и преку Центрите за социјални работи.

Ова се само дел од проектите на кои посветено работевме и ќе работиме во следниот период. Ве оставам во уверување дека ќе бидеме уште поефиксни и повредни за да ја реализираме нашата програма, и да ги надминеме Вашите очекувања. Нашата цел е да изградиме систем кој ќе биде целосен и ефективен сервис во интерес на граѓаните.

Интегрален текст од прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

01.10.2014 - 15:48

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега