Раното откривање на ракот на дојката - клучот за неговото излекување

 

Потребно е да се воведе мамографски скрининг на територија на цела држава бидејќи со тоа е возможно ракот на дојката да се открие во рана фаза кога практично е излечлива болест. Пациентките на Клиниката за тораковаскуларна хирургија доаѓаат со напреднат стадиум на ова најчесто малигно заболување кај жената. Просечната големина на тумор со која одат на операција е три сантиметри, додека во светот таа е 1 до 1,5 см. Годишно во Македонија се детектираат околу 700 новозаболени. Ова денеска на прес-конференција на антиканцер Здружението „Животна искра“, го истакна проф.д-р Горан Кондов од Клиниката за тораковаскуларна хирургија, кој рече дека од 2000 година до сега се поттикнува проектот за мамографски скрининг.

- Не го сфаќаме сериозно овој проблем. Нема точен број заболени, не се знае во кој стадиум се болните кога се детектираат. Нема број на смртни случаи од малигном на дојка, нема вкупна бројка на жени со малигном на дојка.  Се смета дека секоја четврта жена која ќе добие некаков тип малигном во телото, ќе го има токму малигномот на дојка, рече Кондов.

Докажано е со студии, укажа тој, дека детектираниот рак во доцна фаза драстично ја зголемува смртноста од таа болест и многу повеќе го чини здравствениот систем отколку третманот на раниот малигном на дојка.

- Болеста се појавува и на помлада возраст. Веќе од 20 година возможно е да се детектира малигном на дојка. Американската асоцијација за борба против рак дала три основни препораки: да се воведе самопреглед кај секоја жена после 20 година еднаш месечно, да се воведе клинички преглед од лекар од 20-39 година еднаш на три години, а после 40 година еднаш годишно и сите жени да се вклучат во мамографски скрининг. Со овие препораки просечната големина на тумор е помала од 1,5 см, рече Кондов.

Претседателот на антиканцер Здружението „Животна искра“, Виолета Томовска рече дека октомври е месец на борба против ракот на дојката и поради тоа патуваат низ градовите каде ги информираат жените за болеста, разговараат со оние кои се оперирани, а ги посетуваат и пациентките на Клиниката за тораковаскуларна хирургија и на Клиниката за радиотерапија и онкологија каде примаат терапија.

МИА

Здружението утре попладне во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ ќе организира трибина за актуелните состојби со ракот на дојката. 

01.10.2014 - 14:09
Фото: 
канал5

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега