Цветков даде отчет за сработеното во првите 100 дена
Mинистерството за земјоделство, шумарство и водостопанство излезе со отчет за сработеното во периодот од 100 дена владеење на новата влада. Министерот Михаил Цветков ги изнесе реализираните проекти за подобрување на квалитетот во руралните средини и подрачја.
-Покрај секојдневната комуникација со земјоделците и нивните здруженија, Министерството успешно го заврши аплицирањето за субвенции каде што беа поднесени 74 илјади барања, а дел од нив веќе се исплатени. Од оваа година земјоделците ги добиваат субвенциите по однапред дефиниран „Календар за субвениции“, со кој точно е определена динамиката на аплицирање и на исплата на субвенциите која е усогласена според потребите на земјоделците. Досега според овој Календар се исплатени тутунарите, а во периодот септември-октомври следи исплатата за полјоделските култури, истакна Цветков.
Од програмата за рурален развој резлизирани се 14 проекти за исградба на локална патна инфраструктура и инвестиции во водоснабдителни и канализациски системи, 10 проекти за подобрување на квалитетот на живот во рурални средини и 6 проекти за унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја.
-Во овој период ја започнавме реформата за подобрено управување во водостопанството. Владата формира работна група за анализа и подготовка на акти за формирање на „Акционерско друштво во државна сопственост- Водостопанство на Република Македонија“. Во тек се јавни расправи и се очекува до крајот на октомври 2014 година, предлог-законот за АД Водостопанство на Република Македонија да биде поднесен до Владата. Во подготовка е дефинирањето на планот за инвестирање во водостопанската инфраструктура во период 2015-2025 година. Во него е предвидено да се вложуваат по 20 милиони евра секоја година, со што ќе се овозможи зголемување на наводнуваните површини на долг рок за нови скоро 25.000 хектари, додаде министерот Цветков.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа