Кривопаланчани задолжени до гуша - 322 лица побарале отпис на долгови
Вкупно 322 граѓани од Крива Паланка и Ранковце имаат поднесено барање за еднократен отпис на долгови, информираат од меѓуопштинскиот Центар за социјални работи од Крива Паланка.
- Најголем дел од граѓаните бараат еднократен отпис на долгови кон Македонската радио-телевизија за радиодифузна такса, значителен број бараат и отпис на долгови кон деловните банки и штедилниците, направени по основ на кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити, додека само едно барање е поднесено за отпис на долг кон ЕВН за електрична енергија, изјави Олгица Ристовска, раководител на меѓуопштинскиот Центар за социјални работи од Крива Паланка.
Две барања се поднесени од лица чијшто брачен другар е починат, а долговите биле на негово име. Ристовска апелира до жителите на Крива Паланка и Ранковце, да се информираат подетално во просториите на Центарот секој работен ден дали ги исполнуваат условите и да поднесат барања заклучно со 13 октомври кога истекува рокот.
Пријавувањето за Проектот за отпишување на долговите започна на 18 август годинава, а се однесува на долгови настанати до 31 декември 2013 година. Целта на проектот е граѓаните од социјално ранливите категории да ја остварат својата можност за еднократен отпис на долговите за електрична и топлинска енергија, радио дифузна такса, извршитеслки трошоци, банкарски кредит со цел да ја надминат тешката состојба во која се наоѓаат како последица на тешката светска економска криза.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа