Извозот од зоните руши рекорди - за осум месеци 750 милиони евра

Во првите осум месеци од 2014 година речиси го достигнавме нивото на реализиран извоз на годишно ниво во 2013 година, кој изнесуваше 760 милиони евра извоз од ТИРЗ, вели Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за зони во изјава за Вечер.

Вкупно 750 милиони евра извезле странските инвеститори коишто работат во слободните зони во првите осум месеци годинава. Тоа значи дека само за осум месеци годинава е постигнат извоз од слободните зони колку што беше цела 2013 година.

Како што пренесува Вечер, според податоците на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, извозот од зоните од почетокот на 2014 година бележи континуиран раст.

-Растот на извозот се должи на фактот што имаме нови компании кои се функционални и кои во текот на 2013 година се уште не работеа како компаниите: "Ван Хол" во Скопје2, "Џонсон контролс" во Штип, втората фаза на "Џонсон Мети" во Скопје 1, поголемиот обем на производство на "Кемет", но забележано е и драстично зголемување на извозот на "Текнохозе“, вели директорот на Дирекцијата, Виктор Мизо за Вечер.

Според него, зголемувањето на извозот е показател не само на ефикасноста на производството на компаниите во Македонија, туку и на заздравувањето на европската економија.

Според податоците од Дирекцијата, "Џонсон Мети" континуирано ги руши сопствените рекорди за извоз од зоните.

Од септември се очекува нов извозен бум, кога компанијата ќе почне со работа во четвртата линија. Со полн капацитет ќе работат најдоцна до 2016 година, кога очекуваат извозот да им достигне 900 милиони евра.

-Компанијата "Џонсон Мети" на месечно ниво го зголемува своето производство, рушејќи ги постигнатите рекорди од претходниот месец - вели Мизо.
Во 2013 година извозот од компаниите лоцирани во зоните изнесуваше 25% од вкупниот извоз на државата.

-Во првите осум месеци од 2014 година речиси го достигнавме нивото на реализиран извоз на годишно ниво во 2013 година, кој изнесуваше 760 милиони евра извоз од ТИРЗ. Досегашниот реализиран извоз е позитивен импулс дека во 2014 година извозот од зоните на годишно ниво ќе биде над 1 милијарда евра - вели Мизо за Вечер.

Освен раст на извозот, од најавените странски инвестиции се очекува да се отворат и многу работни места и да се намали стапката на невработеност во земјава.

-Во ТИРЗ Скопје и Штип во 2013 година имаше 2.500 вработени. Оваа година само во постоечките компании во зоните бројот на вработени ќе биде околу 3.500. Бројката за идната година ќе биде драстично зголемена со реализацијата на инвестициите кои од почетокот на годината ги потврдија одлуките за инвестирање - вели Мизо.

Од Македонија во минатото главно се извезуваа полупроизводи од металната и од текстилната индустрија, но денес се менува структурата на извозот. Компаниите забрзано ги освојуваат странските пазари. Земјава е една од ретките во Европа која остварува трговски суфицит со Германија. Според податоците на Заводот за статистика, во извозот предничат катализаторите, а по нив следуваат фероникелот, железото и челикот. Најмногу се увезува, пак, нафта, автомобили и струја.

26.09.2014 - 09:25


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега