Може ли ОБСЕ да ги спореди изборите во Македонија и референдумот во Шкотска?

 

ОБСЕ/ОДИХР, организацијата задолжена за следење на демократските процеси, меѓу кои и на изборите, ни збор нема кажано за тоа како се одвиваше референдумот за независност во Шкотска, иако од ден на ден има се повеќе извештаи за изборни измами, за застрашувања, за медиумска пристрасност, особено на единствениот јавен дифузер - Би-би-си, пишува „Дневник“.

Оттаму  вчера се обиделе да стапат во контакт со портпаролите на организацијата во Виена и во Варшава, но безуспешно. Намерата била да се слушне нивниот став и да направи паралела меѓу изборниот процес во Република Македонија и тој во Шкотска, како и тоа зошто сепак не ја искористиле можноста и да остварат барем какво такво меѓународно мониторирање на процесот на изјаснувањето во Шкотска.

Но, да направиме ние неколку паралели. Мисијата на ОБСЕ беше уредно и со позитивен тон поканета да ги следи парламентарните избори во Македонија во април. 

Вчера изборите беа ефикасно спроведени, а изборниот ден помина мазно, но имаше реални проблеми претходно и, за жал, по гласањето, рече тогаш Kристине Мутонен, специјален координатор на набљудувачкиот тим на ОБСЕ. 

- Владејачката партија не успеа соодветно да ги одвои партиските од државните активности, додека, за жал, главната опозициска партија нема да ги признае изборните резултати. Силно ги охрабрувам сите политички актери да работат заедно за создавање позитивна постизборна клима, истакна тогаш Мутонен.

Посмaтрачите, освен проблемот немањето јасна граница меѓу партиското и државното, како проблематично го посочија и небалансираното и пристрасно медиумско известување во корист на владејачката партија. Во извештајот се спомнуваат и обвинувања за притисоци врз гласачите и притоа се посочува дека една партија вршеше притисок врз етничките албански гласачи да го бојкотираат гласањето за претседател.

Герт Аренс, шеф на долготрајната набљудувачка мисија на ОБСЕ, рече дека изборниот ден поминал мирно и според сите стандарди, меѓутоа, сенка на тоа е фрлена со тоа што на изборите „не се постигнаа некои важни барања на ОБСЕ вклучувајќи ги и одвојувањето на државата и партијата, на неутралноста на медиумите, како и на точноста на избирачките листи“. 

А како беше во Шкотска?

Повеќе од 100.000 Шкотланѓани досега ја потпишале петицијата со која бараат повторување на референдумот за независност откако се констатирани повеќе измами за време на гласањето. Иако првиот министер на Шкотска, Алекс Салмонд, кој ја предводеше кампањата за гласање за независност, минатиот петок го призна поразот, многу Шкотланѓани се решени да се борат до последната капка крв и да ја истераат правдата, односно да расчистат со малверзациите за време на гласањето, но и за притисоците и медиумската пристрасност во периодот на кампањата која влијаеше врз слободниот избор на гласачите.

Постреферендумските настани во Шкотска, пак, дополнително се компликуваа со изјавата на Салмонд дека Шкотска може унилатерално да прогласи независност, односно дека нема да има потреба од нов референдум.

Шкотскиот референдум помина без меѓународен мониторинг, ги немаше мисиите на ОБСЕ/ОДИХР, ги немаше експертските тимови на Советот на Европа, па така пропадна една прекрасна можност да видиме, па и да споредиме, со какви проблеми поминал референдумот во една демократска земја. Поканата за мониторинг на референдумот, еден од клучните настани во Европа во 21 век, не беше испратена на адресите во Стразбур, во Виена и во Варшава. Во услови кога по поразот на поборниците за независност од 55 наспроти 45 проценти му ги врзува рацете на и онака врзаниот Единбург, невладиниот сектор е мобилизиран и се обидува да ги исправи грешките во процесот.

„Бараме независно пребројување на сите гласачки ливчиња од минатонеделниот референдум“, се бара во петицијата на 38degrees.org, а невладината change.org достави петиција за нов референдум, при што „секој глас ќе биде двапати пребројуван, од кои едниот ќе биде независен странец кој нема никакво учество во гласањето“.

Сепак, референдумот го посматраше Асоцијацијата за заштита на изборните права, а нејзиниот шеф, Георги Фјодоров, во својот извештај напиша дека имаше повеќе гласови „за“ за време на пребројувањето. Па, прашањето е како се случи да победи кампот „не“ и тоа во услови кога една невладина организација тврди дека на денот на гласањето кампањата за независност била во предност од цели 11 проценти, а потоа да загуби со десет проценти?

Рускиот експерт за избори, Игор Борисов, кого го цитираат британски и шкотски медиуми, вели дека гласачките процедури биле како од минатиот век, при што било невозможно да се следи што се случува зад гласачките пултови и дека гласачките кутии биле расфрлани насекаде без никаква заштита. 

Ова се стандарди на ОБСЕ/ОДИХР и тие се основата за фер и демократски избори. Но, ОБСЕ и покрај се поголемиот број поплаки за неправилности си молчи. 

Што се однесува, пак, до медиумското покривање, ќе потсетиме на една петиција од лани, со која ОБСЕ предупредува дека се загрижени како главните медиуми, кои ќе известуваат за шкотскиот референдум, и затоа бараат веднаш да се испрати набљудувачка мисија, која ќе го следи референдумот, како и дебатите кои ќе се водат на радио, ТВ и во печатените медиуми. „Владата на СНП (шкотските националисти) и кампањата за независност беа предмет на континуирано дезинформирање од Би-би-си и на сите меинстрим-медиуми. Од сите медиуми во Британија, а ги има стотина, единствено весникот „Хералскотланд“ се изјасни дека е „за“ независноста на Шкотска додека сите други беа против. Толку за медиумското избалансирано покривање на настаните, при што немаше ден,а СНП на Салмонд да не се соочи со некаква гадост.

Гласале во име на други

- Во Глазгов, едно од упориштата за независност, кои беа поразени, полицијата истражува десет случаи на изборна измама. Гласачи дошле да гласаат, но веќе виделе дека некој друг гласал во нивно име. Станува збор за разни гласачки места.

- Во Данди, уште едно поразено независно упориште, пребројувањето на гласовите било прекинувано двапати поради вклучен аларм за евакуација. Одѕивот на гласачите бил 78,8 отсто, иако на национално ниво тој беше 85 проценти.

- Kлакманшире, уште една тврдина за независна Шкотска, доживеа пораз, иако сите очекуваа да победи независноста. „Не“ освои 54 проценти.

- Прикажани се две видеа на кои гласачките ливчиња со заокружено „за“ биле ставени во купот „не“.

- Kонтинуирана негативна кампања на Би-би-си.

- Негативна кампања на британскиот премиер Kамерон и неколку негови министри во предвечерјето на гласањето.

- Проблеми со идентификацијата при гласањето.

ДНЕВНИК

25.09.2014 - 11:15


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега