Анета платила 1000 денари за крема - добила празна кутија

 

Анета од Радишани платила скапо за крема, но добила само празна кутија. Вели дека освен што била измамена, кога им ја вратила кутијата продавачките уште и и се изнавикале. Од Пазарната инспекција и Организацијата на потрошувачи велат дека ваквите ситуации тешко се докажуваат, па затоа граѓаните треба да читаат и да проверуваат што купуваат, пишува Вечер.

- Кога се вратив дома сакав да ја отворам и да си ставам од кремата на лице, но кога видов кутијата беше празна. Кога се сетив дека ја платив илјада денари ме здоболе. Решив да отидам и да им ја вратам кутијата и да си ги побарам парите назад или пак да ми дадат кутија со крема во неа. Но, наместо на извинување наидов на остар тон од продавачките кои почнаа да ме напаѓаат дека може сум си ја извадила, па сега сакам уште една гага да си добијам, раскажува Анета, за Вечер.

Слична ситуација имала и Александра Анастасова од Карпош кога си купила две бои за коса.
- Отидов дома и гледам во едната кутија ја нема бојата, а ја платив двесте денари. Се изнервирав, се вратив во продавница и им кажав дека ја немаше бојата. Продавачките ми се изнавикаа дека јас сум си ја зела и уште поизнервирана си се вратив дома. Потоа си купив уште една, вели Александра, за Вечер.

Во случај кога на потрошувачите ќе им се продаде производ кој го нема во кутијата, од пазарна инспекција велат дека се смета за измамничко однесување: - До нас досега нема пристигнато ваква поплака. Сепак оваа поплака е многу слична на онаа кога се купува производ, а не се чита што има во декларацијата. Проблемот на нашите граѓани е што во земјава многу малку има навика кај граѓаните да читаат и да проверуваат што купуваат. После тоа тие се немоќни, продавачот си е заштитен. Затоа и ние планираме во наредниот период да излеземе со кампања со која сакаме да ја подигнеме свеста кај граѓаните да читаат во декларациите, да знаат што купуваат, да не бидат изманипулирани, вели директорот на Пазарна инспекција, Кирил Миноски, за Вечер.

 

25.09.2014 - 11:00


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега