Марјан Николовски: Отпораши на новото време

 

Има нешто чудно во македонското општество. Нешто што низ процес на опсервација може да произведе нов филозофски правец. Ма една нова “култура” на живеење. Еден општествен процес кој, како за се друго, може да се брендира и извезува од Македонија. Не дека неговата основа во историјата е непозната, не дека никој не ја анализрал, не дека и во денешно време ја нема по светот, но уникатноста, посебноста, “стилот” на практицирање е само за македонски простори.

Оние кои се занимаваат со менаџирање на бизнис, со управување со големи корпорации. Оние чиј бизнис зависи од развојот, тоа го нарекуваат “отпор кон промени”.  И во економската наука тоа има свои критериуми и процеси на менаџирање, аналитични пристапи за соочување со таквиот феномен. И во историјата тој феномен, во некои периоди е познат, најблиску до него можеби се филозофските погледи од времето на инквизициската религија. “Отпорот кон науката”. И сето тоа си има свое зошто и свој одговор затоа. Само во македонскиот “отпор на се” нема логичност. Само во Македонија “отпорот” е политичка филозфија. Односно, да бидам попрецизен, политичка идеологија.  Тоа е она што не смее да се пропушти. Тоа мора да влезе во научната теорија. Тоа мора да се изучува, анализира, посматра… Таа политичка идологија може да биде откритие на битисувањето на “македонскиот зоополитикон”.

Она што е посебно интересно е што тој феномен е посебно изразен тогаш кога СДСМ е опозиција во државата.  Чудно!

ХЕЈТЕР ПОЛИТИКА

Што е тоа што ги тера одредени структури во Македонија речиси секојдневно, на се и сешто, без разлика дали е позитивно или дали е негативно, на каква било промена,  да се противат.? Да ја осудуваат и да ја оценуваат како негативна.? Она што е уште посериозно е што во таа негативност, во тој “отпор”, се почесто се гледа омраза, одбивност кон оној кој ја најавува, реазлизира, но и кон оној кој ја поддржува промената. Сосема е разбирлив моментот дека голем дел од луѓето се навикнати на еден свој начин на функционирање, да го живеат животот по некој свој редослед, или да бидат научени на некој свој животен простор. Логично е и да има страв за некоја своја сигурност, но нелогично е по секоја цена, секогаш и секаде, однапред да осудувате, негирате и да се противите на каква било промена, а честопати и со омраза и екстремистички да ги осудувате оние кои ја внесуваат таквата промена. Честопати тој отопр е толку нелогичен што оди и до степен на сопствена штета. Тоа е своевидна инетрност, која те чува закован во својот свет и не дозволува ниту милиметар да се поместиш. Секое поместување раѓа несигурност и страв. Раѓа одбивност. Таквата “отпор филозофија”е идентична со секојдневно “мрчење за се”. “Хејтинг Политика”, производ на “хејтер политичари”.

Во основа на “отпорот кон промените” можат да се идентификуваат околу триесетина причини, во зависност од тоа кон што се пружа отпор. Но, најмалку пет причини се секогаш присутни кои можете да ги сретнете во сите теории на отпорот.

Главната причина секогаш барајте ја во нарушување на удобноста и стекнатата моќ. Нечија, индивидуална или колективна. Во зависност од тоа каква е, очекувањета за отпорност се или поголеми, ако е колективна, или послаби ако е индивидуална. Функционирањето по исти правила, стекнати навики со години, создава удобност, гради моќ на поединци и колективни групи. Најчесто тоа се бизнис и политички интереси. Промените го нарушуваат тој комодитет, таа моќ. Веднаш тука е втората причина, непосредно врзана за првата. Стекнати интереси на одредени групи. Промените, во кој било сегмент се одрзуваат најмногу на стекнати коалиции, кои пак во позадина имаат заеднички интереси, најчесто тоа се лични, а не општествени инетреси.  До отпор кон промени најлесно се доаѓа со манипулација. Тоа се нарекува селективно процесуирање на информациите. Како тоа практично функционира.? Оние кои најдиректно се загорозени од промените, најчесто сакаат да создадат општествена забуна. Односно, дека тие промени се закана за општестовото, а не кон нив. Иако во принцип промените не се ничија закана, освен на менталитетот на функционирање. Личните интереси, кои можат да ги загубат поединци или групи, ги мотивиреаат на своевиден самообрамбен механизам. Најлесно во тој самоодбрамбен механизам се очекува да се постигне успех ако личниот интерес го претставите како општествена придобивка, која “некој” се обидува да ја “уништи” воведувајќи промени. Тогаш ги активирате своите медиумски експоненти, кои на директен или индиректен начин со години се граделе со вас и учествувале во идеологизација на вашиот личен интерес. Иако Вие знаете дека промената е општествено добро, со селектирање на информации ја правите општествено зло.  Потоа, скептицизмот околу потребата од промени, како причина е тесно поврзан со потребата од зголемување на работното оптеретување. Кога овие две причини се присутни? Во два случаи. Во случај кога немате идеја и кога не можете соодветно да одговорите на потребите на оние кои ги наметнуваат промените. Просто речено не можете да ги следите. Како нејлесен одговор, при немање идеја е, “промените не се потреби, тие се дополнително оптеретување на ова или oна”… Кога не можете да го следите темпото наметнато од новите промени тогаш запаѓате во деструктивна летаргија, која кај вас буди само едно. Омраза и бес.

Кога отпорот кон промените е индивидуален тогаш и последиците се индивидуални. Но, кога тој отпор е колективен, тогаш колективитетот е во процес на распаѓање. И тоа можеби, освен индивидуални или штети на групата, честопати нема општествени импликации. Но, кога тој отпор е политичка идеологија која се нуди како преизборна или изборна програма, која се нуди како иднина на заедницата, тогаш тоа може да биде опасен преседан.

 

ПОЛИТИЧКИОТ ГЕН НА МАКЕДОНСКАТА ПОЛИТИКА НА ОТПОР

Зошто, кога зборувам за “отпорот кон промените”, велам  дека најмногу е манифесторан кога СДСМ е на власт? Ако ги анализирате политичките постапки на СДСМ последните неполни две ипол децении македонска независност ќе најдете многу… апсолутно многу одговори. И ако сте реални пред себе, од денешна дистанца, ќе признаете дека речиси сите предизвикани отпори биле безсмислени, без идеја… едноставно отпорот бил само параван за немањето соодветен политички одговор.

СДСМ, тогаш под реформирано комунистичко име, беше против самостојноста на Македонската држава. Денеска тие историски моменти не можат да се избришат. Тие се јасни, но бидејќи денешната СДСМ знае дека тогашмниот отпор беше небулоза, денеска се обидува таа тогашна празителна политика да ја претстави како “политика на мирно раздвижеување”. Демек тоа што заговарале останување во друштво со Милошевиќ и Србија било политика што Македонија ја направило држава без испукан куршум и какпка крв. Бог да чува. Се прашувам дали забораваат или пак ги сметаат како колатерална штета на таа политика, 47-те(ако добро се сеќавам) македонски војнци кои од фронтовите во Хрватска се вратија во метални мртовечки ковчези. Се сеќава некој на нив? За чии инереси загинаат тие? Која држава бранеа? Тие се првите жртви на “отпор политиката”.

СДСМ беше и против евроатланските интеграции на Македонија, иако денеска се претставува како “ партија на европскиот дух” на државата. Да!, Ако се искрени аналитичарите за евроинтеграции ќе ја потврдат таа теза. Иако тогаш тоа не беше директна отпор политика против ЕУ и НАТО, сепак тоа беше една стихијна анти ЕУ и НАТО политика затоа што тогашната СДСМ немаше интерес од евопеизација на државата, туку имаше личен интерс за партиско-политичка приватизација на Македонија. Ако не беше СДСМ против европската иднина на државата, зошто тогаш договорот за стабилизација и асоцијација, основата на каков било процес за придвижување кон ЕУ е потпишан 2001 година од владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Љубчо Георгиевски? Зошто во 2001, а не во -96, -97, -98, -99, кога тоа го правеа Словенија, Хрватска, Романија, Чешка, Словачка, Бугарија, Полска?… Кој доказ, кој чекор го имаат владите на СДСМ во процесот на евопеизација на Македонија. Кандидатскиот статус? Драги мои…и птиците знаат дека тоа беше политичка одлука на Брисел, а не валоризација на постигнати реформи и напредок.  Политичка одлука која имаше цел да биде некакво сврзно ткиво на тогаш се уште раскараното, по етничка линија и без никаква меѓусебна доберба, македонско општество. Едноставно тоа е реалноста.

Нема историски момет кога некоја реформа се воведувала, а СДСМ да биле ЗА. Отпор се пружаше и тоа со секојдневни опструкции и блокади, со протести кога Македонија воведуваше фискализација. Разно-разни образложенија…. Денеска Македонија го има еден од најстабилните фискални ситеми во речиси сите пост-комунистички држави, а и подициплиниран и од многу европски држави. Италија на пример…

20 години градоначалниците на Скопје секојдневно одеа и заминуваа од бараката во градскиот парк низ улица по која побрзо пешки се поминуваше отколку со автомобил, но не се одлучија да ја прошират. Кога Коце Трајановски реши да направи булевар, сечењето на околните дрвја беше причината за активирање на отпор политиката кон ова “ново општествено зло”. Па секојдневни протести, па квази еколошки здруженија за заштота на лисјата, на чепресите, на корените од дрвјата… што се не се појави во медоуими.. И што донесе тоа? Денеска има и булевар.. а има и нови дрвја, кои растат и ќе растат.

Плаошник и крстот на Водно беа единствените слики на разгледниците од Македонија до пред некоја година. Но нивната градба беше со огромен тогаш сдсм-овски опозициски отпор. Се сеќавате? Денеска отпорот е кон Скопје 2014. Реалноста, фидбекот од тој проект сега, а уште повеќе во иднина, ќе покаже повторно дека и тој отпор бил резултат на безидејноста на опозицијата.

Колкав само отпор на промени имаше идејата за безцарински зони и странски инвестиции. И што денеска има од тој отпор, а што од упорноста на политиката за промени во државата?

Не беше многу одамна кога СДСМ жестоко се противеше на задолжителносто средно образование. Ако денеска ги прашате зошто? Ниту самите нема да знаат да ви набројат една логична причина. А знаете колку логични причини денеска можат да набројат оние кои ја поддржуваат таа промена.? Една на пример е статистиката на државата за едно ниво повисоко образование на населението.

Има многу такви примери… за кои може стотици страници да се испишаат и да се анализираат. И во сите ќе наидете на еден единствен заклучок. Сега јасно Ви е зошто гланата политичка стратегија на СДСМ се нарекуваше “отпор”? Манифестиран во руската лада нива…

Никола Груевски не е најдобриот. Ниту е најидеалниот. Но, тој е политичарот кој ја промени сликата во многу сегменити. Некои во тоа гледаат негативност, но мнозинството гледа позтивност. Она што никој не го оспорува е што денешното пратикување на тоа што се подразбира под политиака е еден друг до ликот во Македонија. И знаете што е проблемот на опозицијата?  Тоа што ВМРО-ДПМНЕ побрзо ќе изгради некој нов подобар од Груевски, отколку што СДСМ ќе производе лидер соодветен на Груевски.

А… За отпорот кон промените…. Тој секогаш завршува со пораз. Промените се корисни, општествено потребни и нив никој не може да ги сопречи.. Тие можат само да се надоградуваат… секако ако имате идеја како…

Марјан Николовски – Новинар за Денешен

 

23.09.2014 - 23:53


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега