Голем температурен шок - какво време не очекува до крајот на неделата

 

Понеделник започна со облачност во крајниот југ на земјава, која донесе малку дожд во југозападниот крај. Сепак поголемиот дел од земјава имаше релативно сончево утро. Поголемата промена на времето ја носи ноќта кон вторник, речиси истовремено со започнувањето на календарската есен, пишува специјализираниот портал за временска прогноза, МетеоПро.

Вторник во поголем дел, особено во источниот регион започнува со облачно и релативно врнежливо утро. Сепак овие врнежи ќе траат релативно кратко. Уште рано попладне облачноста ќе почне значително да се намалува. Пладнето и попладнето ќе бидат ветровити. Ќе дува умерен, а локално долж Повардарие и источниот регион до засилен ветер од северен и северозааден правец. 

Температурата во текот на денот ќе достигне максимум кој ќе биде понизок во однос на понеделник за околу 8°С. Па така, максимална температура околу 19°С се очекува во северната половина на земјата, како и во југозападниот регион. Нешто потопло, но само до 22°С ќе биде на југоисток.

Студен воздух од север кој ни доаѓа во вторник

Среда ќе помине со претежно ведро време и со значително ослабнат ветер, кој и понатаму ќе биде претежно од северен правец. 

Утрото во среда ќе биде релативно свежо, а во дел од земјава можеме слободно да кажеме дека ќе биде студено. Минималната температура во земјава ќе има вредност помеѓу 6°С и 10°С, а на повисоките места таа ќе се „спушти“ малку под 5°С.

Дневниот температурен максимум ќе биде повисок за околу 2°С во однос од вторник. 

 

Четврток исто така ќе започне со свежо утро и минимална температура слична на онаа од среда.

Денот ќе биде малку потопол, а максимална температура околу 22°С се очекува во северната половина на земјата, исто колку и во југозападниот регион. Потопло, но само до 26°С ќе биде во југоисточниот крај.

Во текот на денот ќе има умерена облачност, но ќе преовладуваат сончевите периоди.

 

Петок ќе има нешто потопло утро во однос на претходните два дена. Се очекува променливо време со сончеви периоди, но ќе биде пооблачно во однос на четврток. Не се исклучува можноста за појава на локален слаб дожд.

Во однос на четврток, петок ќе има пониска дневна максимална вредност на температурата на воздухот за околу 2°С.

23.09.2014 - 11:42


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега