Ни останаа уште само 9 часа од летото

 

По променливото лето, во вторник на 23 септември, во 5 часот и 29 минути по локално време, во Република Македонија почнува есента. Тој ден на северната хемисфера е есенска рамноденица, а на јужната пак пролетна рамноденица (таму почнува пролетта), односно денот и ноќта траат подеднакво. Всушност поради влијанието на атмосферата и прекршувањето на сончевите зраци низ неа, на 23 септември денот ќе трае за околу 10 минути подолго (вистинска рамноденица ќе биде на 24-25 септември).

Во вторник, Сонцето ќе излезе околу 6 часот и 27 минути точно на исток, а ќе зајде околу 18 часот и 37 минути точно на запад. Оддалеченоста на Земјата од Сонцето ќе биде околу 150,1 милиони км или близу просечната вредност.

Есента ќе заврши на 22 декември во 3 минути по полноќ. Тогаш на северната полутопка почнува зимата и овој ден е познат како зимски солстициум или зимска краткоденица. Значи од вторник, постепено до 22 декември ноќта ќе се зголемува до 15 часа, а денот ќе се намали на само 9 часа. Во исто време, додека на северната хемисвера почнува есента, на јужната пак започнува пролетта и таму ноќите ќе стануваат пократки од деновите исто така до 22 декември.

Во Македонија во утринските и претпладневните часови нестабилно со врнежи од дожд. Попладне врнежите ќе престанат, разведрување и ветровито но и посвежо со пад на температурите. Ќе дува умерен северен и северозападен ветер, а во западните предели ќе дува засилен североисточен ветер. Ветерот понекаде ќе достигне брзина и до 25 км/ч. Утринските температури ќе се движат од 8°C до 16°C, а максималните дневни температури ќе достигнат до 14°C односно до 23°C.

Во Скопје претпладне нестабилно со врнежи од дожд, попладне разведрување, ветровито и посвежо. Ќе дува умерен северозападен ветер. Утринската температура од 13°C, а максималната дневна температура ќе достигне до 20°C.

Во среда по студеното утро, во текот на денот ќе биде претежно сончево со локална облачност и ветровито. Ќе дува умерен северен и северозападен ветер кој попладне ќе го промени правецот во југоисточен, а во западните предели ќе дува умерен североисточен кој попладне ќе премине во југозападен. Утринските температури од 2°C до 10°C, а максималните дневни температури ќе се движат од 17°C до 26°C. 

22.09.2014 - 21:26


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега