Македонија на Меѓународниот саем за традиционални производи во Торино

 

Бело овчо сирење од реканскиот регион, маџун од Тиквешијата, валандовско слатко од диви смокви, толчена сол од Кратовско, циронки од преспанскиот регион,..., се само некои од македонските производи што ќе бидат претставени на единствениот Меѓународен саем за традиционална храна „Салон дел густо - Тера Мадре“ во Торино идниот месец.

Саемот годинава одбележува 30 години постоење.  Учество најавиле преку 900 изложувачи од целиот свет, а во фокусот е семејното земјоделство.

Според програмата, организирани ќе бидат повеќе од 80 работилници, дебати и презентации, обуки и предавања за вкусовите, за разликите меѓу природната, бавно подготвена, и брзата храна.

Посебен дел е посветен на т.н. Арка на вкусовите каде се раскажуваат индивидуални приказни за потеклото, начинот, квалитетот и приготвувањето на прехранбените производи, нивното влијание врз културата, историјата, обичаите, навиките, менталитетот. Посетителите ќе можат да дегустираат и најразлични пијалаци, специфични за поднебјето од каде што доаѓаат изложувачите. Предвидена е и посебна Соба за пиво која ќе нуди белгиски, шпански, британски, германски, скандинавски и новозеландски пива. 

Годинава, новина е школата за готвење во чии рамки директно ќе се приготвуваат јадења од најразлични земји и култури.

Атрактивен ќе биде и делот резервиран за традиционални танци, настапи и перформанси, како и за ракотворби, везење, плетење, шиење,...

Зад учеството на македонската делегација на „Салон дел густо - Тера Мадре“ стои Слоу фуд Макдонија која го поттикнува одржливото земјоделство и работи на заштита на вкусовите и биодиврезитетот.

Слоу фуд Макдонија е дел од светската мрежа Слоу фуд чиј основач е Италијанецот Карло Петрини. Работи на формирање т.н. конвивиуми - здруженија на производители на традиционална храна кои се занимаваат со враќање на рецептите на нашите баби, зачувување и промоција на квалитетот.

Некои од македонските производи што ќе бидат претставени на Саемот во Торино веќе ја имаат добиено најголемата титула во Слоу фуд - Президиум, која го потврдува нивниот квалитет.

„Салон дел густо - Тера Мадре“ се одржува секоја втора година, овој пат од 23 до 27 во Торино

21.09.2014 - 11:53


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега