Се вжешти линијата „Ало докторе“ - за само два дена 200 повици
На телефонската линија за медицински совети 15123 - „Ало докторе!“, изминатите два дена, на 19 и 20 септември, до 22 часот имало 200 повици.
Како што соопшти Здравствениот дом Скопје, најголем број од јавувањата биле во врска со здравствен совет за покачена телесна температура, респираторни и кардиоваскуларни симптоми поврзани со променливите временски услови.
Во текот на јавувањата сите граѓани добиле соодветен здравствен совет, а на оние на кои им било потребно, добиле и соодветна симптоматска терапија. На двајца граѓани лекарите специјалисти им укажале да побараат Итна медицинска помош, на 194, поради здравствената состојба за која ја повикале телефонската линија за здравствен совет.
На телефонската линија „Ало докторе!“ од 18 до 22 часот биле дежурни д-р Билјана Илиевска-Поповска, директор на Институтот за ТБЦ, и д-р Тања Спировска, директор на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).
Наредните два дена во кол-центарот на 15123 дежурни ќе биде д-р Антони Новотни, директор на Клиниката за психијатрија, и д-р Ирена Кафеџиска од Клиниката за ревматологија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа