Трајко Вељаноски: Осми октомври краен рок за СДСМ
Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски очекува дека СДСМ ќе ја надмине својата автодеструктивна политика и по објавувањето на извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија ќе се врати во парламентот, каде активно ќе се вклучи и во собраниската дебата за уставните измени, кои според Вељаноски до крајот на октомври ќе се најдат на гласање на пленарана седница на Собранието. Претседателот на Собранието, во интервју за Прес24, вели дека продолжувањето на уценувачката политика од СДСМ за техничка влада, ќе значи активирање на прекинатата собраниска седница за верификација на оставките на пратениците од листите на СДСМ.
-Знаете дека на 8 октомври треба да биде објавен Извештајот на Европската комисија, во кој верувам дека Македонија и по шести пат ќе добие препорака за добивање на датум за започнување на преговорите со ЕУ. Така да ако опозицијата не се врати во Парламентот и ако го условуваат политичкиот дијалог со апсурди и пред сé недемократски барања, како што е техничка влада и нови избори, јас ќе свикам продолжување на седницата на која се оставките на пратениците од СДСМ. Сепак врз основа на моето досегашно политичко искуство и практика мислам дека ќе се најде форма и начин опозицијата да се врати во Собранието. Јас искрено посакувам тоа да се случи во еден разумен рок, вели за Прес24, претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.
За него е апрудрна политиката што ја води опозициската партија, особено најавите за вонинституционално дејствување на некакви паралелни институции.
- Јас не познавам ниту во теоријата, а уште помалку во парламентарната практика, не само во Европа туку и пошироко, партија која освоила на регуларни избори пратенички места да рече, е јас ова не го признавам, не влегувме во Парламентот и ќе создавам некаков си паралелен систем, вели Вељаноски во интервјуто за Прес24.
Дополнителниот проблем, кој се појави по инцидентот во Собранието, напуштањето на работата на парламентот од страна на ДПА, засега е статус кво. Вељановски очекува враќање на пратениците на ДПА во Собранието, за да може да се случи расчистување на инцидентот.
- Додека трае бојкотот на опозицијата мислам дека би било несмислено да се формира посебна анкетна комисија во која, заради ваквиот став на опозицијата, би учествувале само претставници од парламентарното мнозинство, што само по себе е демократски контрадикторно, вели Вељаноски за Прес24.
Претседателот на парламентот и овој пат повикува на политички дијалог, со цел заедничко остварување на “европските врвови на Македонија”, потенцирајќи дека од државен интерес е опозицијата да се врати во Собранието
-Ако останеме во рамките на сувопарни формалности би рекол не, но сепак се чувствува отсуството на опозицијата, посебно во комисиите и другите собраниски тела каде што би требало да се вкрстат копјата и аргументите и на предлагачот на законите и на мнозинството и на опозицијата. Сега, за жал тоа го нема, а одговорноста за ова треба да ја преземе опозицијата која со бојкотирање на Собранието ги нарушува демократските принции на современиот парламентаризам каков што повеќе векови функционира во Европа, вели Претседателот на парламентот, одговараќи дали се чувствува отсуството на опозицијата во Собранието.
Она, што според Вељаноски радува е што пратеничките од опозицијата кои ги прифатија мандатите се активно вклучени во работата на Парламентот.
-Иако не се чувствувам повикан да го оценувам нивното учество во работата на собранието, сепак морам да истакнам дека е исклучително забележлива нивната посветеност и активност во соодветните собраниски тела и комисии каде што тие се членови, како и на пленарните седници. Во оваа смисла, верувам дека веќе и јавноста нив ги препознава како квалитетни политичари и соодветно на тоа го оценува нивниот анганжман и нивното делување, вели Трајо Вељаноски во интервјуто за Прес24.
Претседателот на Собранието одговара и на обвинувањата на амбасадорот Ристо Никоски за неговиот говор по повод независноста на Македонија.
ПРЕС24: По летните одмори Собранието породолжува со редовната активност, но за разлика од пред тоа, сега во парламентот ја нема и ДПА. Ја отежнува ли работата на парламентот комплетното отсуство на опозицијата?
ВЕЉАНОСКИ: Парламентаризмот подразбира постоење и на опозиција, која, како и мнозинството, е одговорна за нормално функционирање на парламентот. Уште поголема одговорност опозицијата има и кон своите гласачи, нашите граѓани, кои им дале доверба и допринеле да станат пратенци со единствена цел да ги артикулираат и застапуваат нивните интереси. Дали отсуството на опозицијата ја отежнува работата на Парламентот? Ако останеме во рамките на сувопарни формалности би рекол не, но сепак се чувствува отсуството на опозицијата, посебно во комисиите и другите собраниски тела каде што би требало да се вкрстат копјата и аргументите и на предлагачот на законите и на мнозинството и на опозицијата. Сега, за жал тоа го нема, а одговорноста за ова треба да ја преземе опозицијата која со бојкотирање на Собранието ги нарушува демократските принции на современиот парламентаризам каков што повеќе векови функционира во Европа. Во оваа смисла, исто така, доколку се навратиме наназад последните 8 години, можеме да забележиме дека постои една јасна траекторија во делувањето на опозицијата. Таа, како по некоја шема започнува со бесмислено јавно лутење кое преминува во бојкот, по што, откако ќе наидат на неодобрување од домашната и од меѓународната јавност, после извесно време, бараат и наоѓаат причина за да можат да се вратат назад во институциите каде што впрочем е и единственото нивно место. Од друга страна, добро е што постои и воспоставена треакторија во делувањето на мнозинството кое, наспроти овој однос, постојано манифестира отвореност да работи заеднички со опозицијата за заедничко надминување на сите препреки кои треба да доведат до натамошно унапредување на вкупните прилики во нашата татковина.
ПРЕС24: Имате ли контакт со пратениците на ДПА, какви се нивните најави?
ВЕЉАНОСКИ: Формални контакти со пратениците на ДПА немам, иако јас редовно ги канам на координација. Од друга страна, пак, неформалните контакти постојат и истите се карактеризираат со една перманентност во квантитативна и во квалитативна смисла. Во секој случај, сакам да истакнам дека ДПА секогаш била препознатлив политички субјект кој давал свој придонес, како во функционирањето на Собранието така и во целокупните процеси во државата.
ПРЕС24: Излегувањето на ДПА од Собранието беше резултат на инцидетот со пратениците на ДУИ. Како ќе се решава овој инцидент, дали собраниските тела ќе формираат анкетна комисија за расчистување на настанот?
ВЕЉАНОСКИ: Јас како претседател и врз основа на моите овластување кои произлегуваат од Деловникот и Законот за Собранието изреков јавна опомена до сите учесници во споменатиот инцидент. Прашувате дали ќе се формира посебна анкетна комисија. Додека трае бојкотот на опозицијата мислам дека би било несмислено да се формира посебна анкетна комисија во која, заради ваквиот став на опозицијата, би учествувале само претставници од парламентарното мнозинство, што само по себе е демократски контрадикторно.
ПРЕС24: Најавивте дека на пратениците на СДСМ ќе им оставите простор до октомври за да се вратат во Парламентот. Но со оглед на нивните последни ставови, се поизвесно е дека тие ќе останат надвор. Што во таква ситуација? Може ли да се очекува продолжување на седницата за верификација на нивните оставки?
ВЕЉАНОСКИ: Јас неколкупати јавно истакнав дека нема да ја продолжам седницата на Собранието на која на дневен ред се оставките на пратенците на СДСМ со цел да дадам простор на дијалогот помеѓу ВМРО-ДМНЕ и СДСМ. Но, воедно истакнав дека тоа одлагање нема да трае бесконечно. Знаете дека на 8 октомври треба да биде објавен Извештајот на Европската комисија, во кој верувам дека Македонија и по шести пат ќе добие препорака за добивање на датум за започнување на преговорите со ЕУ. Така да ако опозицијата не се врати во Парламентот и ако го условуваат политичкиот дијалог со апсурди и пред сé недемократски барања, како што е техничка влада и нови избори, јас ќе свикам продолжување на седницата на која се оставките на пратениците од СДСМ. Сепак врз основа на моето досегашно политичко искуство и практика мислам дека ќе се најде форма и начин опозицијата да се врати во Собранието. Јас искрено посакувам тоа да се случи во еден разумен рок.
ПРЕС24: Ако дилајогот на ниво на партии меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ засега не функционира, има ли каква било форма на разговори, на пример меѓу Вас, како Претседател на Собранието со пратениците на СДСМ?
ВЕЉАНОСКИ: Постојано ги повикуваме колегите пратеници од опозицијата да врз основа на Деловникот и Законот за Собранието да воспоставиме и водиме вистински демокртски дијалог како што доликува на една европска држава. На пример, редовните координации се одлична можност опозицијата да ги артикулира и да ги реализира своите интереси и барања кои се поврзани со целокупниот законодавен процес. За жал досега позитивен одзив на овие мои повици нема, што, меѓу другото е и факт од кој и домашната и меѓународната јавност влече заклучоци како за нивото на деомркатската зрелост на СДСМ, така, за жал и за нивото на демократската зрелост на Македонија.
ПРЕС24: Во Парламентот сепак активно учествуваат тројца пратеници од листите на СДСМ. Каква е соработката со нив, и како го оценувате нивното учество во работата на Парламентот?
ВЕЉАНОСКИ: Точно три пратеници од листата на СДСМ учествуваат во работата на Парламентот. Двете пратенички кои се од СДСМ, нивната матична партија ги исклучи заради тоа што одлучиле да ја испочитуваат волјата на нивните избирачи вклучувајќи се со полн капацитет во работата на македонскиот законодавен дом и тие сега делуваат како независни пратеници. Што се однесува до соработката со нив таа е во рамките на моите деловнички и законски надлежности и морам да истакнам дека досега таа е во сосема добар ред. Иако не се чувствувам повикан да го оценувам нивното учество во работата на собранието, сепак морам да истакнам дека е исклучително забележлива нивната посветеност и активност во соодветните собраниски тела и комисии каде што тие се членови, како и на пленарните седници. Во оваа смисла, верувам дека веќе и јавноста нив ги препознава како квалитетни политичари и соодветно на тоа го оценува нивниот анганжман и нивното делување.
ПРЕС24: Очекувате ли можеби уште некој од пратениците на СДСМ и коалиционите партнери да не ја испочитува директивата на партијата и да се врати во собраниските клупи?
ВЕЉАНОСКИ: Сите ја знаеме онаа изрека: „цело е кога има сé“. Лично како пратеник и како претседател на Собранието искрено посакувам политичкиот дијалог да се обнови ама без однапред поставувани барања кои се најблаго речено нереални. Уште повеќе и како граѓанин сакам пратениците од опозицијата да се вратат во Собранието за што и добиле мандат од своите избирачи и преку принциите на парламентаризмот да ги артикулираат своите програмски определби и интереси кои јавноста ќе знае најдобро да ги оцени и вреднува. Во исто време и дома, а што е многу важно и пред меѓународната јавност ќе покажеме дека сме ја поминале транзицицијата и како држава сме ги надминале сите оние детски болести на парламентарната демократија. Односно, дека во овие 23 години на самостојност ние созреавме како дражава и општество во кое верувам дека делуваат сериозни и одговорни политички субјекти кои ќе можат да ги идентификуваат и да ги реализираат стратешките интереси на Република Македонија и на нејзините граѓани.
ПРЕС24: Споменавте 23 години на самостојност. Неодамна во јавноста беше објавено отворено писмо од страна на господин Ристо Никовски во кое тој Ве обвинува дека Вие ја фалсификувате историјата и дека наместо 23 години на самостојност сте требале во својот говор по повод 8 Септември да кажете 70 години на самостојност односно од 1944 година кога се одржа заседанието на АСНОМ?
ВЕЉАНОСКИ: Лично ова писмо ме изненади бидејќи очекував дека господин Никовски како искусен дипломат прави разлика помеѓу државотворност и самостојност и сувереност. Точно е дека на 2 август 1944 година на Второто заседание на АСНОМ удрени се темелите на македонската државотворност, но во рамките на некогашна СФРЈ. Додека самостојнаста и сувереноста односно вековниот сон за сопствена држава го остваривме на 8 септември со референдумот на кој македонскиот народ и граѓаните на Македонија се определија за самостојна и независна дражава. Не сакам да правам паралела со други ама и Хрватите и Словенците својата самостојност и сувереност ја “бројат“ (што би рекол Никовски) од 1991 година. Уште еднаш да потсетам дека јас лично и оваа година на Мечкин камен на 2 Август во моето обраќање посебно ја истакнав улогата и на првиот Илинден од 1903 и на вториот Илинден од 1944 година, како темели врз кои ете ние пред 23 години станавме независна и самостојна драва. На крајот само сакам да потсетам и на одговорот што на ова писмо го даде ВМРО-ДПМНЕ односно уште еднаш да истакнам дека во програмата на мојата партија секогаш било и ќе биде највисоко вреднувана и почитувана историската улога и заслуга на сите оние знани и незнани учесници во Народноослободителната борба. Односно ниту јас како член, ниту ВМРО-ДПМНЕ како партија ниту робувала, ниту ќе робува на некакви историски догми или предрасуди како што во своето писмо пишува Никовски.
ПРЕС24: Да се вратиме на актуелната состојба. СДСМ најави паралелно функционирање на своевиден паралелен систем, Парламент, некои видови на комисии, како некое тело на влада во сенка. Како го коментирате ова вониституционално дејствување на најголемата опозициска партија?
ВЕЉАНОСКИ: Како што веќе споменав, политичка партија која излегла на избори и која освоила 34 пратенички места треба да е во Парламентот и таму институционално почитувајќи ги принциите на парламентарната демократија да делува. Факт е дека има држави во кои таканаречената “Влада во сенка“ е константа во парламентарното живеење и работење. Таков пример е парламентаризмот во Велика Британија. Јас не познавам ниту во теоријата, а уште помалку во парламентарната практика, не само во Европа туку и пошироко, партија која освоила на регуларни избори пратенички места да рече, е јас ова не го признавам, не влегувме во Парламентот и ќе создавам некаков си паралелен систем. Точно тоа е суверена одлука на водството на СДСМ, но останува според мене отворено прашањето што со сувереното право на граѓаните слободно да бираат и избираат, а потоа тие што ја добиле нивната доверба да речат ова не важи ние ќе го бојкотираме Собранието. Како што реков секоја партија има одговорност како кон своето избирачко тело така и кон општеството и државата во која делува. Верувам дека СДСМ и воопшто опозицијата, а пред се нивното водство ќе помисли и на оваа димензија.
ПРЕС24: Во Октомври ќе биде објавен новиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, состојбите во Парламентот, неучеството на опозицијата секако дека ќе бидат нотирани. Меѓутоа какви се Вашите проценки и информации, можно ли е Македонија да претрпи поголеми штети на евроинтегративниот процес поради отсуството на опозицијата?
ВЕЉАНОСКИ: Веќе реков дека јас верувам дека Македонија по шести пат ќе добие препорака од Европската комисија за добивање на датум за отпочнување на преговорите со Европската унија. Точно е дека во извештајот ќе бидат нотирано отсуството на опозицијата, но и други забелешки како што било и во досегашните пет последователни извештаи во кои Република Македонија добила препорака за започнувње на преговорите. Зошто не сме ги започнале преговорите мислам дека сите знаеме за апсурдниот став на нашиот јужен сосед иако и со пресуда на Меѓународниот суд во Хаг јасно е пресудено во наша корист. Инаку и досега ние и како парламент и како Влада многу сериозно и пред се конструктивно сме ги рзгледувале сите ајде да речам негативни или помалку позитивни забелешки и сме се труделе тие да ги надминеме до следниот извештај. Уште нешто, сите реформи кои досега сме ги направиле и кои ги правиме и ќе ги правиме во иднина не се за да им се допаднат на Брисел туку пред сé веруваме дека тие реформи се во корист на нашите граѓани на македонското општество и на Република Македонија во целост.
ПРЕС24: Кој би бил виновен, ако Македонија ја изгуби препораката за почеток на пристапните преговори?
ВЕЉАНОСКИ: Реков дека верувам дека нема да ја изгубиме препораката. А, ако земеме хипотетички дека ете ќе ја изгубиме препораката тогаш веќе не е ниту битно кој е крив бидејќи консеквеците ќе ги сносиме сите и како политички субјекти и како граѓани.
ПРЕС24: Пред пратениците сепак се неколку крупни законски предмети. Меѓу нив уставните измени. Како се одвива тој процес?
ВЕЉАНОСКИ: Во тек се јавни расрави по нацрт амандманите кои ги организира предлагачот на уставните измени, поточно Владата, односно Министерството за правда. Јас очекувам тие да завршат во предвидениот рок, знам дека е договорено на 29 овој месец да се одржи јавна расправа во Собранието. Предлагачот е должен врз основа на јавната расправа на Собранието да му достави нацрт амандмани и јас сум очекувам дека во ноември ќе ги усвоиме новите уставни амандмани кои ќе станат дел од Уставот на Република Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа