Безбедносните камери на бродот Серенисима, од кој исчезна Дениса, не биле во функција?
Луксузниот брод за крстарење Серенисима, од кој исчезна 23-годишната Дениса Маркоска од Прилеп, поседувал систем на сигурносни камери, од кои една била насочена токму на местото каде што девојката последен пат била видена – на палубата каде што пушела цигара.
Сепак, камерата не била поврзана со направа за снимање, така што камерите веројатно не можат да дадат одговор што се случило со младата девојка, пишува интернет порталот Cruise Law News, кој го водат адвокати за поморско право.
Тие се заинтересирале за случајот на младата Македонка и одлучиле да се распрашаат за текот на истрагата.
Притоа, дошле до податоци дека капетанот на бродот, руски државјанин, продолжил да плови 2-3 часа откако било пријавено исчезнувањето на Дениса. Кога застанал во пристаништето, најпрвин почекал да се симнат сите патници „за да не ги вознемирува гостите“, а дури потоа отишол во полиција за да пријави дека девојката исчезнала.
Според сознанијата на овој портал, истрагата дополнително се комплицира со тоа што бродот бил регистриран на Сент Винсент и Гренадин за да се избегнат даноци.
Од оваа земја не се заинтересирани да спроведат истрага за исчезнувањето на Македонката. Постојат информации дека со бродот оперирала компанијата Премиер Крузес од Финска, која е во сопственост на рускиот бизнисмен Владимир Есаков.
Од капетанот на бродот имало навестувања дека девојката можеби извршила „самоубиство“. Но според адвокатот Џим Вокер, кој е автор на текстот, ова е најчестото објаснување што го даваат бродовите за крстарење за несреќите со исчезнати патници и членови на екипажот.
Тој наведува неколку примери на слични несреќи во кои компаниите кои нудат вакви луксузни патувања избрзано се обиделе несреќата да ја поврзат со нестабилен карактер и слабост на исчезнатите, наместо самите да понесат одговорност за инцидентот.
На интернет страницата се повикуваат и сите патници или членови на екипажот на Серенисима, кои би можеле да имаат некакви податоци за судбината на исчезнатата Македонка, да се јават и да помогнат во нејзиното пронаоѓање.
Статистиката покажува дека од 2000 година до денес, вкупно 239 патници на овие бродови за крстарење во различни околности паднале во морето додека пловеле.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа