Без паника: Ендокринолозите го потврдија ставот на Тодоров - инсулинска криза нема

 

Ендокринолозите го потврдија ставот на министерот Тодоров дека инсулинска криза нема, откако во јавноста а особено меѓу лицата со дијабетес, деновиве се крена прашина дека резервите на одредени инсулински аналози се при крај, а за 1-2 месеца ќе нема одреден тип инсулин.

Раководителката на Центарот за дијабетес при Универзитетската клиника за ендокринологија во Скопје, д-р Викторија Перцан, тврди: пациентите со дијабетес мелитус во Република Македонија се соодветно третирани со најсовремена инсулинска терапија која е на располагање во светот.

- Во моментот има доволно инсулин и овозможено е континуирано снабдување на пациентите со дијабетес мелитус. Сакам да потенцирам дека има доволно инсулинска терапија во делот на хуманите инсулини и во делот на инсулинските аналози така што располагаме со доволно опции за постигнување добра гликемиска контрола кај сите пациенти. Уделот на инсулинските аналози во нашата земја е исклучително висок и можам да нагласам - највисок во регионот - и може да се споредува со земјите во светот кои имаат најразвиени здравствени системи. - Апсолутно нема никакви причини за страв и паника кај лицата со дијабетес зашто нашата основна задача е нивната гликорегулација, која апсолутно може да се постигне со расположливите инсулини, со редовни контроли и титрација. Исто така, овие пациенти треба да се придржуваат кон советите што ги даваме, а се однесуваат на исхраната, физичката активност и неопходни се и чести контроли на гликемијата, вели Перцан.

Ендокринолозите со ова го потврдуваат ставот на министерот Тодоров дека нема недостиг на инсулин. Ова е една ситуација која како дежаву се повторува секогаш кога сакаме да развиеме некоја монополска позиција на пазарот, нагласи министерот.

- Не им е грижа за пациентите, грижата е повеќе за некој личен интерес и бизнис. Не смееме да дозволиме да се цицаат средствата од буџетот на Република Македонија и потоа некој да вози џипови луксузни или да има вили, а тоа да го плаќаат граѓаните и плус од тоа да правата сцена, обратно да го поставуваат дека некој друг имал бизнис интерес. Не не станува збор за тоа и не е грижа дали се склучил анекс договорот сега или не. Најголема грижа им е тоа што веќе е објавен тендер за набавка на инсулин за наредните две години во кој практично ќе си конкурираат оние кои ги носат најскапите инсулини, посочи Тодоров.

ДНЕВНИК

17.09.2014 - 09:47


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега