Млада држава - зрела демократија

 

 

Чиста петка за судството, пред Грција и Бугарија со владеење на правото. Македонија е независна само 23 години, но со степенот на демократија им дише во врат на старите зрели демократски системи. Лидер ја анализира Македонија на светскиот ден на демократијата.

Светот го одбележува 15 септември, меѓународниот „Ден на демократијата“, прогласен од страна на ООН, а на иницијатива на Интерпарламентарната унија. Овој ден ја симболизира борбата за остварување на демократските идеали, затоа што демократијата во една земја не е само цел, туку долгорочен процес, кој бара вклученост на сите општествени фактори и групи. Лидер анализира каде е Македонија на 15 септември, на меѓународниот „Ден на демократијата“, како функционира начелото на поделба на власта, принципот „кочници и рамнотежа“ (check and balance), дали граѓаните се активни креатори или учесници во демократските процеси, до каде сме со слободата на медиумите, слободата на говорот, слободата на вероисповед, дали во земјава има владеење на правото.

Македонија бележи континуиран напредок на полето на судството. Тоа го нотираше и федералниот судија од Бостон, Ричард Стернс, кој со македонските судии размени мислења околу примената на новиот ЗКП и кој имаше само пофални зборови за земјава.

„Ова е седма година како имам можност да ја посетам Македонија и да се уверам во реформите. На моите колеги од Македонија им препорачав да бидат трпеливи. На почетокот на шеесетите години од минатиот век, во САД започнавме слични реформи какви што во моментов се превземаат кај вас и морам да ви кажам дека ни беа потребни околу 20 години за целосно да ги имплементираме. Затоа морам да кажам дека сум импресиониран од она што досега е сработено  колегите од Македонија. Доколку би бил професор, би им дал оценка пет плус“ – рече Стернс.

Изградбата на Македонија како демократска, правна држава, е долгорочен процес. Процес во кој се прават реформи, за кои е потребен широк општествен консензус, со учество на сите чинители.

„Нашата држава, по завршувањето на периодот на транзицијата се соочува со бројни ризици за изградба на демократската правна држава, со особено потенцирање на терминот демократска, бидејќи не секоја држава го заслужува тоа. Во периодот на транзицијата се спроведе процесот на приватизација, изградбата на повеќепартискиот систем, слободните избори. Ако тогаш политичкиот фактор беше одговорен за носењето на политичките одлуки во политиката и економијата, сега главно прашање е каква е положбата на човекот и човечкото достоинство, што е задача на знаењето и науката, што треба да придонесе и за внатрешна и меѓународна интеграција на државата“ – смета првиот човек на МАНУ, академик Владо Камбовски.

На полето на локалната демократија има значителен напредок, особено во делот на финансирањето на општините и обезбедувањето поголема вклученост на граѓаните при носење на одлуките на општинско ниво.

Во делот на верските слободи и права, Македонија стои добро. Во последниот извештај на американскиот Стејт департмент, пишува дека Уставот и законите на Р. Македонија гарантираат слобода на вероисповеста, и дека во земјава, генерално се почитуваат верските права и слободи, иако во одредени случаи, има појава на политизација на верските прашања што се одразува врз толеранцијата.

ЛИДЕР

15.09.2014 - 09:45


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега