Торстен Фрај: Неприфатливо е опозицијата да го бојкотира Парламентот

Земјата имаше значаен напредок последниве години, во економската политика, зајакнувањето на инвестициите и унапредувањето на образовниот систем во вистинска насока. Целокупно, сметам дека конституционалната и правната рамка на државата се многу добри, вели во интевју за Нова Македонија Торстен Фрај, пратеник во Бундестагот и известувач за Македонија на демохристијаните.

Кои се вашите впечатоци од Македонија, поврзани со политичката и со економската ситуација во земјава? Кои се главните прашања на кои треба да се обрне внимание?
- Македонија е прекрасна земја, која има добра основа за понатамошен развој. Во последните години направи одредени позитивни скокови и сега може да се забележи дека Македонија и нејзините граѓани се нетрпеливи да влезат во НАТО и во ЕУ. Според мене, сето тоа се сведува на прашањето за името. Сега е моментот кога треба активно да се работи на изводлив компромис.

Со кого остваривте средба, која беше целта на вашата посета и за што се водеа разговори?
- Како прва посета на Македонија сакав да добијам целосна слика за социјалната, политичката и економската ситуација, како и да ги продолжам разговорите што претходно ги имав со претставници од Македонија во Германија. Во Македонија се сретнав со претставници од Владата, од опозицијата, од Европската Унија и од граѓанското општество. Меѓу другите, се сретнав со премиерот Никола Груевски и вицепремиерот Бесими, Радмила Шеќеринска од СДСМ, претставници од религиските заедници, новиот германски амбасадор во Скопје, како и со Роберт Лидл од Канцеларијата на ЕУ.

Какви пораки од Германија им пренесовте на македонските претставници за понатамошниот развој на државата?
- Како прва препорака е прашањето за името, кое мора да биде решено со компромис со Грција. За другото, ЕУ постави многу јасни критериуми што мора да бидат исполнети. Според мене, Македонија треба да фати чекор во однос на човековите права, правната сигурност, слободата на говорот и на медиумите, како и строго да ги исполни критериумите од Мастрихт. Ова го истакнав во сите разговори. Само да бидам јасен дека со ова не ги омаловажувам реформите што ги остварија кандидатскиот статус и препораката од Европската комисија за почнување пристапни преговори за членство во ЕУ.

Што сметате за реформите што се направени досега во земјата?
- Мислам дека земјата имаше значаен напредок последниве години, како на пример во економската политика, зајакнувањето на инвестициите и унапредувањето на образовниот систем во вистинска насока. Целокупно, сметам дека конституционалната и правната рамка на државата се многу добри. Меѓутоа, сепак мислам дека е неприфатливо во земјата, како идна членка на ЕУ, опозицијата да го бојкотира парламентот, зашто за доброто на државата и на граѓаните се потребни и двете страни. 

Како поминаа средбите со претставниците од граѓанското општество и од невладиниот сектор, односно Здружението на новинари и претставници на Македонската православна црква и Исламската верска заедница?
- Задоволен сум и од тие средби, особено од тоа што помеѓу претставниците од невладиниот сектор може да се увидат различни мислења за повеќе прашања. Перспективата е поинаква и информациите не се дотерани, исто како во Германија. 

Дали ја исполнивте целта на вашата посета и како сте задоволен од разговорите? 
- Лично добив многу добар впечаток за вашата земја, иако имав многу малку време за престој во Скопје. Меѓутоа, во вакви околности се учи многу за државата и за народот. Слушнав добри аргументи, собрав разни мислења и многу сум задоволен од разговорите со сите претставници.

Македонија има целосна поддршка од Германија

За што разговаравте со Васко Наумовски, новиот преговарач за спорот за името со Грција? Какво е вашето мислење за македонската страна во преговорите?

По средбата со господинот Наумовски имам чувство дека може да донесе нов стимул по тоа прашање. Му кажав дека решавањето на тој спор е клучно за понатамошен развој на земјата. Во исто време истакнав дека благосостојбата на земјата и просперитетот на граѓаните не смеат да зависат само од името. Го советував исто така сериозно да се дискутира за изводлив компромис со сите засегнати страни. Македонија не треба да ги испушти предностите што доаѓаат со членството во ЕУ само поради гордост. На крајот, исто така истакнав дека во преговорите со Грција, Македонија ја има од наша страна целосната поддршка, став што исто така беше постојано истакнуван од канцеларката Меркел. Знаеме дека на Македонија ѝ треба надворешна поддршка во оваа ситуација, и тоа особено од нас, од Германија.

Повеќе на Нова Македонија

12.09.2014 - 10:26
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега