Во чии раце заврши титулата Национален уметник
Претседателот Ѓорге Иванов денеска во вила „Водно“ свечено ќе му ја додели титулата Национален уметник на Република Македонија за 2014 година на оперскиот пејач Борис Трајанов.
Македонскиот баритон ја добива титулата на иницијатива на Македонската опера и балет, а согласно со Законот за национален уметник на Република Македонија.
Комисијата составена од академиците Катица Ќулавкова и Газанфер Бајрам, Оливер Белопета и Раде Силјан, по разгледувањето на пристигнатите предлози одлучила дека Трајанов ги исполнува критериумите утврдени со Законот за национален уметник.
Наградата е доживотен паричен надомест од 60 илјади денари месечно.
Борис Трајанов е четвртиот носител на ова највисоко признание од областа на културата. Добитници досега се и пијанист Симон Трпчески, филмскиот режисер Милчо Манчевски и естрадниот уметник Есма Реџепова.
Покрај претседателот Иванов, на церемонијата на доделувањето на наградата ќе се обрати и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа