Иванов за безбедноста: Македонија е подготвена да се соочи со предизвиците
Република Македонија е подготвена да се справи со безбедносните предизвици на регионално и на глобално ниво, порачува претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во синоќешното интервју за Македонската телевизија, по повод Денот на независноста.
- Целиот наш регион тоне во една состојба во која се случуваат настани кои не биле предвидливи. Во нашево опкружување, на Медитеранот, Блискиот Исток, гледате, Централна Азија, сето она што е таму присутно, го чувствуваме и ние, бидејќи ние на некој начин сме транзит зона на многу бегалци, транзит зона во која се случуваат илегални работи во кои постои и влијание на меѓународниот тероризам, верски радикализам, во кој постојат обвновување на канали, кои постоеле за нелегални работи. Тие се глобални закани, регионални закани. Нашите институции се подготвени да се справуваат со тие предизвици. Во иднина ќе очекуваме такви нешта. Но партнерскиот однос што го имаме со одредени земји, одредени служби со кои што соработуваме кажува дека Македонија со сите тие предизвици може да се соочи, вели претседателот Иванов.
Светот, посочува, е тотално променет и мораме да се соочуваме со сето тоа и ние. Да знаеме што се случува на нашиот простор со нашите луѓе, но и во наше опкружување. Поминаа периоди кога беше мир и спокој. Периодиве кои ни престојат кажуваат дека мора нешто да се менува и на меѓународно и на европско и на регионално ниво, па и на национално. Затоа гледате, носиме промени на закони кои ги санкционираат таквите појави кои носат лоши работи, вели претседателот Иванов во интервју за МТВ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа