Иванов: Во Грција нема желба, ниту интерес да се справат со проблемот што го создадоа

 

Во Грција не постои желба, ниту интерес да се справат со проблемот за името што тие го создадоа, рече претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов синоќа во интервју за Македонската телевизија, по повод Денот на независноста.
 
Според македонскиот претседател, спорот за името воопшто не е на агендата во Грција, бидејќи таа не трпи од овој спор.
 
- За се што беше од наша страна иницирано и преземено, гледаме дека од нивна страна нема интерес, но одвреме-навреме се јавуваат заинтересирани земји кои сакаат да се вклучат во ова и да дадат поинакви динамики на целиот процес. Тоа е реалноста, ние иако сакаме состојбите да бидат сосема поинакви, мораме да се соочуваме дека некој пат генерациите кои доаѓаат ги носат промените. Видете на целиот Балкан имаме нови елити, по падот на Берлинскиот ѕид дојдоа нови елити. Во Грција се уште се елитите од периодот на студената војна. Ја гледате реториката што ја користат, нивниот начин на однесување. Но, да се надеваме дека ќе се менуваат работите и дека ние како земја која има право на свое достоинство треба да опстоиме на она што е наше и за кое животите ги дале генерации, генерации родољуби - да бидеме своја држава, како нова реалност да бидеме прифатени и од нашите соседи и од севкупниот свет, рече претседателот Иванов.

 
Прашан за стратешките цели на земјата, 23 години од нејзината независност, претседателот со став – ЕУ и НАТО остануваат определба за Република Македонија.
 
- Уште од самата наша независност стратешка цел е да бидеме членка на Европската унија и на НАТО, така што тоа останува како наша определба и ние настојуваме сите наши преземени обврски да ги реализираме и да станеме дел од тоа, рече шефот на државата.
 
- Светот во кој живееме гледате колку брзо се менува и колку брзо се стекнуваат нови состојби на планетарно ниво, и ние како земја мора да градиме нови пријателства, мора да имаме нови пазари за нашите производи, простори каде што се пробиваме на економски план, така што во тој поглед мислам дека Македонија е на вистинскиот пат, рече претседателот Иванов во  интервјуто за МТВ

08.09.2014 - 10:57
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега