Честитка од Вељаноски по повод Денот на независноста

 

 

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски од свое лично име и од името на пратениците денеска упати најискрени честитки по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија.

- Одбележувањето на 8. Септември е наша заедничка можност да ги реафирмираме зедничките вредности и да ја обликуваме заедничката свест кон овој историски ден. Осми септември е денот на нашата најголема современа победа и остварување на сонот на најдемократски начин, преку референдум и решителност на граѓаните на Македонија да создадат своја независна држава, Република Македонија. Нас ни беше доверено да го реализираме стремежот на многу генерации и херои во содавањето на современа демократска држава, во која ќе има хармонија и разбирање, сплотеност и единство, визија за напредна и силна Македонија, стои во честитката од Вељаноски.

Денес, гордо и заслужено го одбележуваме овој ден, но, се потенцира, мора да сме насочени кон чување на нашиот идентитет, културното и духовното наследство и нашата независност.

- Тоа е нашата морална обврска кон нашите предци, но и обврска за нашите поколенија. Јас сум уверен дека наша заедничка цел е да ја воздигнеме Република Македонија во држава на која ќе сме горди, и во која посветено ќе работиме во успешно надминување на сите препреки и предизвици кои ќе следат. Нека ни е честит Денот на независноста, Нека ни е вековита Република Македонија, се посочува во честитката од претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски. 

07.09.2014 - 14:20
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега