Груевски: Славиме 23 години од независноста - години низ кои граѓаните покажаа зрелост, мудрост и капацитет

 

Премиерот  Никола Груевски им го честита на граѓаните на Република Македонија Денот на независноста 8 Септември, за кој вели дека е празник кој претставува остварување и континуитет на трудот, вложувањата и пожртвуваноста на многу генерации граѓани кои живеат со мислата за слободна и самостојна држава, но и ден со кој се празнува и мудрата одлука на огромното мнозинство граѓани кои заокружија  ДА и се определија за самостојна Македонија.

- Оваа година се одбележуваат 23 години од независноста на државата, години низ кои граѓаните покажаа зрелост, мудрост и капацитет, години на предизвици, на успеси и премрежја, но и време низ кое покажавме како држава дека умееме да се носиме со големата одговорност да се управува со сопствената судбина, и да се носат самостојно одлуки. Денес Република Македонија има цврсто зацртани цели и визија. Нашата најголема задача е да го подобриме животот на граѓаните, да отвораме нови работни места, и да придонесеме за економски развој и општествен напредок кој државата ќе ја направи посилна, а граѓаните посреќни и сигурни. Тоа е задача во која сите треба да придонесуваме, но и наша обврска за идните поколенија, пишува во честитката на премиерот Груевски.

Во честитката се додава дека овој празник треба да не потсетува на предизвиците кои сме ги надминале, но и да ни даде сила и мудрост да продолжиме понатаму.

- Меѓусебното почитување и единството е тоа што може да не однесе понапред и кон побрзо остварување на овие наши цели, бидејќи единството гради иднина. Секој од нас има сон и идеи за својата иднина, но она што е најважно е идејата за заедничка иднина. Идејата дека само сплотени во единство можеме заедно да изградиме сигурна иднина за успешна Македонија, истакнува Груевски во честитката по повод 8 Септември.

07.09.2014 - 13:31
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега