Ставрески: Македонија е земја со умерен долг

 

Република Македонија останува во зоната на земји со умерен долг и е меѓу 10-те земји кои имаат најниско ниво на долг, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески одговарајќи на новинарско прашање денеска по потпишување на договорите со доверителите вклучени во мерката за отпис на долговите.

Тој потенцира дека се води внимателна политика и оти сите средства кои се земаат вклучувајќи ја и еврообврзницата се насочени кон реализација на крупни инфраструктурни проекти.

- Во овој период се реализираат проекти кои се од стратешко значење за конкурентноста на Република Македонија како што се изградбата на пругата кон Бугарија, изградбата на автопатите од Скопје до Штип и од Кичево до Охрид и изградбата и реконструкцијата на железницата, а во следниот период ќе се реализира и проектот на гасификација. Станува збор за добро таргетирани проекти кои ќе овозможат не само поврат на средства, туку и на зголемување на конкурентноста на приватниот сектор, истакна министерот.

Според него, сето тоа укажува на тоа дека долгот на РМ е поставен во функција на долгорочен економски раст кој ќе помогне полесно да се враќаат обврските. - Следната година имаме и дополнителни обврски кои ни ги оставија претходните влади, што е нормален начин на работење и во другите земји. Станува збор за 150 милиони еврообврзницата од 2005 година што е земена и доспева за плаќање во 2015 и дополнително 120 милиони кои доспеваат во следната година кон ММФ, рече министерот и додаде дека и буџетот за следната година ќе ги рефлектира овие приоритети на Владата, односно задолжувањата да бидат насочени кон реализација на крупни инфраструктурни проекти.

Очекува и во иднина Република Македонија да остане во зоната на умерена задолженост, а во функција на тоа се и последните уставни измени кои, како што рече, се најголем доказ за решеноста на економските политики да се остане во зоната на ниска задолженост. 

- Верувам дека параметрите што се ставени во Буџетот за следната година и она што го предвидуваме во фискалната стратегија за следните три години ќе овозможат Македонија да не ги надмине предвидените лимити што се иницирани со уставните измени, рече Ставрески. 

Тој додаде дека во делот на државниот долг ќе има намалување бидејќи ќе се исплаќа еврообврзницата и кон ММФ, а во делот на вкупниот јавен долг обратен процес поради реализација на проектите за изградба на автопатите.

03.09.2014 - 14:40
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега