Ентони: Не ми е гајле колку пари дадоа за мене, знам колку вредам

 

Бразилскиот играч за врска на Манчестер Јунајтед, Ентони изјави дека критиките само ги подгреваат неговите амбиции да се докаже во Манчестер Јунајтед.

Поранешниот играч на Ајакс е речиси постојано критикуван за неговите игри откако пристигна на „Олд Трафорд“ пред речиси две години од холандскиот гигант. Во саботата, сепак, тој постигна еден од неговите ретки голови во сезоната во ремито 1:1 со Барнли. Голот беше прв за него оваа сезона во Премиер лигата.

-Годината е многу тешка и за мене и за целиот тим бидејќи нашите резултати не се онакви какви што очекувавме. Јас сум еден од оние луѓе кои прифаќаат критики. Тоа ме тера да работам на моите слабости. Мислам дека сите во тимот сме фокусирани да ја завршиме сезоната на најдобар можен начин, изјави 24-годишниот Бразилец.

И покрај неубедливата сезона, Манчестер Јунајтед може да освои трофеј доколку го победи Манчестер Сити во финалето на ФА Купот. Дури и тоа, сепак, можеби нема да биде доволно менаџерот Ерик тен Хаг да го задржи своето место во клубот, особено по доаѓањето на компанијата „Инеос“ како сопственик на „црвените ѓаволи“.

Сер Џим Ретклиф, кој е на чело на компанијата, веќе навести дека нема да се прават повеќе трансфери како оној на Ентони, за кого беа платени нешто повеќе од 80 милиони фунти на Ајакс во 2022 година.

Сумата што беше платена не ми влијае. Знам колку вредам. Парите се пари и сите зборуваат за тоа, но доколку сите во тимот, вклучително и јас, настапувавме на највисоко ниво, никој нема да обрнува внимание. Тоа е причина да работам уште повеќе бидејќи знам дека можам да бидам подобар. Свесен сум колку вредам. Ќе продолжам да работам и да давам се од себе за тимот. Важно е да го имате тој став и да бидете фокусирани. Ни претстои финале, кое сакаме да го добиеме, но мора да одиграме подобро. Ни остануваат уште пет натпревари и мораме да бидеме подобри на секој нареден натпревар за да можеме да дојдеме до трофејот што го посакуваме, заврши Ентони.

29.04.2024 - 17:49

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега