Борче Стамов: Дојран може да биде светска кампинг дестинација
Враќањето на кампинг туризмот е белегот кој ќе му го врати потполниот сјај на Дојран, како препознатлива туристилка дестинација. Градоначалникот на Дојран, Борче Стамов, во интервју за Прес24, вели дека општната интензивно работи на овозможување на кампинг туризмот. Поранешните кампинг места се невункционални, голем дел приватизирани, но затоа, вели Стамов се прават начини како да се изградат кампинг центри на други локации.
-Денес не функционира вистински камп, локациите на поранешните кампови, дел се приватизирани, дел се испреплетени во имотно-правни спорови. Како локална власт, веќе разгледуваме и почнавме со подготовки на нови локации каде што може да се подигнат нови камп-населби, кои ќе бидат понудени на заинтересирани инвеститори, вели за Прес24, Стамов. Градската плажа која годинава беше уредена донесе над 40.000 туристи, што за Стамов е мотив да се градат други.
-Моментално се работи и на уште една плажа на влезот во Стар Дојран, плажа Карач во должина од 150 метри, а имаме изготвено проекти за уште пет плажи на различни локации кои треба да се уредуваат во иднина. Накусо кажано, секоја наредна летна сезона ќе имаме нови содржини., вели Стамов во интервјуто за Прес24.
ПРЕС24: Годинава според сите параметри, но и според она што се нарекува инвестиции, Дојран ја имаше можеби најдобарта туристичка сезона последните 20 години. Може ли да се дефинира дека Дојран го враќа сјајот годините кога беше едно од најпосетените туристички дестинации во Македонија?
СТАМОВ: Имавме одлична сезона. И претходната исто така помина повеќе од добро, а со тековните инвестиции за подобрување на инфраструктурата, уредувањето на плажите, инвестициите во угостителско-сместувачките капацитети, даваат еден позитивен тренд на континуиран развој на Дојран. Премногу работи се променети за да се зборува за стариот сјај, но несомнено може да се каже дека Дојран го фаќа чекорот со новото време.
ПРЕС24: Уредувањето на градската плажа беше чекор кој го поздравија туристите. Што се планира понатаму. Дали по овој концепт ќе се уредуваат и други плажи?
СТАМОВ: Уредувањето на градската плажа е најважната инвестиција годинава. Се покажа како мошне важна и корисна. Од нејзиното пуштање до денес, поминаа над четириесет илјади капачи. Моментално се работи и на уште една плажа на влезот во Стар Дојран, плажа Карач во должина од 150 метри, а имаме изготвено проекти за уште пет плажи на различни локации кои треба да се уредуваат во иднина. Накусо кажано, секоја наредна летна сезона ќе имаме нови содржини.
ПРЕС24: Што станува со останатиот брег на езерот, некогашните камп локации. Постои ли можност за нивна реставрација, кој е сопственик на тие локации, во каква кондиција се тие?
СТАМОВ: Ако се направи споредба на Дојран, денес и пред 20тина години, она што фали најмногу се популарните кампови, а и камперите како туристи. Денес не функционира вистински камп, локациите на поранешните кампови, дел се приватизирани, дел се испреплетени во имотно-правни спорови. Како локална власт, веќе разгледуваме и почнавме со подготовки на нови локации каде што може да се подигнат нови камп-населби, кои ќе бидат понудени на заинтересирани инвеститори
ПРЕС24: Која е визијата на локалната самоуправа. Има ли општината стартегија што сака да постигне и во каков вид туризам да го изгради Дојран?
СТАМОВ: Алтернативен, здравствен и езерски туризам ни се приоритет. Секако и другите форми на туризам, како гурманскиот, воениот, конгресниот и спортски туризам ја надополнуваат понудата. Дојран веќе функционира како викенд дестинација во текот на целата година, а тоа треба да се надградува и надополнува со повеќе содржини. Она што сакаме да го постигнеме е отварање на уште неколку хотели и еден поголем комплекс, и заеднички понатаму да продолжиме да го градиме Дојран како туристичка дестинација.
ПРЕС24: Она што засега е некој вид проблем е малиот капацитет на хотелско сместување. Постојат ли начини за привлеркување инвеститори кои би изградиле вакви комплекси.?
СТАМОВ: Капацитетот веќе претставува проблем, во текот на август без резервација е невозможно да се најде сместување, а и тоа што е на располагање веќе не е доволно. Имаме повеќе локации кои се спремни за различна големина на хотелско-сместувачки капацитети. Има и интерес, па до крајот на годината дел од нив ќе бидат понудени на продажба, а во моментов се градат и реновираат помали хотели на три локации.
ПРЕС24: Покрај класичните хотелски капацитети, има ли заинтересираност за инвестициите во апартмаски објекти?
СТАМОВ: Голем дел од приватните издавачи инвестираат во своите објекти, на пролет во Дојран е вистинска градежна експанзија. Се реновираат куќите, и главно од порано популарното издавање на соби, се пренаменуваат во апартмани и студиа. Се градат и сосема нови објекти, а досега имаме регистрирано 265 приватни издавачи и бројката расте.
ПРЕС24: Иако локалната власт не може да биде туристички оператор, сепак може да биде менаџер за условите за туризам. Она што барам засега го посчуваат туристите како неопходност е дежурна лекараска служба во градот.?
СТАМОВ: Безбедноста на градот и здравствената заштите се предуслов ако се има во план да се размислува за посериозна форма на туризам на било кое место. Можаме да се пофалиме дека Дојран е место каде инцидентите се реткост, а годинава за првпат оптшината имаше ангажирано спасувачка служба на дел од плажите. Иако здравствената заштита е надвор од нашите ингеренции, сепак постојано апелираме и во комуникација сме со Министерството за здравствоза овој недостаток. Имаме разбирање, и имаше неколку огласи за стационирање на пункт за брза помош во Дојран, но за жал тие беа неуспешни. Останува во иднина заеднички да се обидеме да најдеме лекарски тим кој најмалку во текот на летната сезона би пружил постојана лекарска заштита.
ПРЕС24: Како да му се понуди Дојран на странските туристи, бидејќи засега најголемиот процент на посетители се домашни туристи? Како Дојран, и со што, со која понуда, да се најде на туристичката мапа за странците?
СТАМОВ: Единствено со алтернативни форми на туризам. Дојран би можел да се понуди на гурманите со дојранските рибни специјалитети, за заинтересираните за историјата, овде се фронтовите линии од првата светска војна, за спортистите имаме одлични велосипедски и пешачки патеки, наскоро ќе понудиме и водни спортови... Годинава имавме голем број на српски транзит туристи, кои остануваа во Дојран по неколку дена, а ова е резултат на неколку промотивни емисии кои ги имавме во српските медиуми и нешто што во иднина планираме да го развиваме.
ПРЕС24: Она што секако дека е најзначајно кога зборуваме за развој на туризмот во Дојран е стабилноста на подолг рок на езеросто со вода. Каква е сега состојбата, постои ли опасност за повторување на еколошката катастрофа? Кое е нивото на езерото во овој момент?
СТАМОВ:Нивото на езерото е 35см над нултата кота, што значи од еколошката катастрофа е на највисоко ниво постигнато досега. Имавме поволна хидро-метеоролошка година. Хидро-системот за доведување вода функционира постојано, а годинава направена е реконструкција и поправка на повеќе пумпи, со што не е загрозена кондицијата на системот, а со тоа и одржувањето на нивото на езерото. Ако продолжи ваквото време, не треба да не изненади и следната година езерото да го има оптималното ниво од 100см над нултата кота, што е мошне значајно и за подобрување на плажите, но и квалитетот на водата. Од друга страна, во тек е целосна реконструкција на пречистителната станица во вредност од 300 000 евра, и на еден начин, со сите овие параметри не постои опасност за квалитетот на водата и нивото на Дојрнаското езеро на подолг рок.
ПРЕС24: Што се случува со рибниот фонд. Дојран своевремено беше познат риболовен центар. Како тоа сега е уредено?
СТАМОВ: Еколошката катастрофа видно го измени рибниот фонд, за разлика од порано кога во најголем процент преовладуваше црвеноперката, денес најзастапен е карашот, и тоа е тема на која треба посериозно да се размисли. Квалитативно рибниот фонд е намален, но квантитативно, риба има во изобилство. Веќе неколку години постои концесионер на Дојранското езеро за стопански и спортски риболов, а негова обврска и можам да кажам дека мошне успешно досега се справуваме со рибокрадците. Надвор од летната сезона Дојран функционира како вистинско рибарско градче, имаме спортски риболовци, но најбројни се гурманите за дојранска риба.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа