Задоцнет телефонски разговор - приказна која ќе ве замисли

ТОЈ: Ало?
ТАА: – Здраво. Јас сум. Долго време не сме се слушнале. Многу долго.
ТОЈ: – Не ми се верува дека тоа си ти, но ти го препознавам гласот.
ТАА: Да, предолго. Предолго се двоумев да го свртам твојот број. Ниту самата не знам како се натерав да ти се јавам сега.
ТОЈ: – Да…
ТАА: – Го најдов твојот нов број, на “Информации”, сета среќа, па, нема многу мажи со име како твоето.
ТОЈ: (тишина) – Како тоа да ми се јавиш?
ТАА: (тишина) – Па, сакав да те чујам, да видам како си, што правиш?
ТОЈ: – После толку време да ме прашаш како сум… Добро сум… Оди некако… Се живее ден за ден. А ти?
ТАА: – Добро сум…
ТОЈ: – Лажеш… Чувствувам по гласот. Никогаш не знаеше да лажеш…
ТАА: – Тебе не знаев да те лажам…
ТОЈ: – Да, тоа отсекогаш ни беше најсилната страна. Барем никогаш не се лажевме.
ТАА: – Знаеш… (тишина) Немам право да те прашам, но дали некогаш мислиш на мене?
ТОЈ: (тишина)
ТАА: – Не мораш да одговориш. Поставувам бесмислени прашања. Многу време помина, имаш свој живот.
ТОЈ: – Секако дека се сеќавам… И некогаш посакувам да не испаднеше вака, но секогаш е исто…
ТАА: – Се прашувам зошто го направив тоа. Зошто те оттргнав од себе? Никогаш тоа не ми стана јасно. Можеби премногу се плашев дека ќе бидеш како сите останати, дека и ти ќе си заминеш на крајот. Па, те избркав… Те тргав, а само сакав да останеш покрај мене.
ТОЈ: – И јас го сакав само тоа. Да останам.
ТАА: – Јас сум виновна за се!
ТОЈ: – Не, не си ти виновна. И јас лесно кренав раце од тебе. Заминав горделиво, машки. За да седам сега сам и да размислувам за тоа што би било ако останев тогаш.
ТАА: (тишина) – И како си ти, оженет си? Имаш семејство?
ТОЈ: – Немам! Се оженив, но после две години се разведов. Беше добра, мила, сите желби ми ги исполнуваше, но никогаш не ја засакав. Се обидував да ја засакам, но по некое време сфатив дека тоа е невозможно, па, ја пуштив да замине. Сега се омажила, има три деца и среќна е.
ТАА: – А ти живееш сам?
ТОЈ: – Да, сам живеам. Се научив на лошо. Се навикнува човек, кога мора.
ТАА: – Да, се навикнува човек.
ТОЈ: – Како е кај тебе?
ТАА: – Јас сум сама. Добро е.
ТОЈ: – Но, не си среќна.
ТАА: (тишина)
ТОЈ: – Помирна си од порано.
ТАА: – Па, ете, дојде време и јас да пораснам.
ТОЈ: – Да. Кој би рекол дека еднаш и ти ќе пораснеш и ќе бидеш сериозна жена.
ТАА: – Да, морав и јас да пораснам.
ТОЈ: – Знаеш, често размислував за ова. Сонував дека ќе ми се јавиш, дека ќе се појавиш од некаде. Онака, ненадејно… Замислував колку ќе бидам среќен ако повторно те видам или слушнам. (тишина) И среќен сум. И депресивен истовремено.
ТАА: – Зошто? ТОЈ: – Затоа што сега ми е јасно дека некои работи не можат да се вратат… Се променивме. Не сме веќе деца. Не сме веќе толку млади и полни со ентузијазам… …во состојба да промениме се.
ТАА: – Знам дека веќе не е исто, но…
ТОЈ: – Нема веќе “но”! И самата го знаеш тоа. Не мора да ти го кажувам тоа. Пораснавме.
ТАА: (тишина) Значи кога ќе… – Кога ќе ја спуштам слушалката…
ТОј: – Нема да се чуеме пак, да. Нема да ти се јавувам, а ниту ти мене. Само би се повредиле уште повеќе.
ТАА: – Значи, нема ниту да се видиме?
ТОЈ: – Да. Така е подобро за двајцата нас. Подобро да не те видам…
ТАА: – Би сакала да те видам.
ТОЈ: – Не е работата во тоа дека не сакам да те видам. Тоа го посакувам најмногу од се, но знам дека не смеам. Така би се повредил и себеси, но и тебе.
ТАА: – Знам. (тишина)
ТОЈ: – Никогаш не те заборавив, ниту, пак, некогаш ќе го сторам тоа. Никогаш нема да те исфрлам од моето срце и моите мисли. Таму ќе те чувам додека сум жив.
ТАА: (тишина) – Но…
ТОЈ: – И немој сега да прашуваш зошто. Немој, единствена. Помири се. Така мораше да биде. Сега, најголема грешка би била да поверуваш дека можеме да продолжиме каде што застанавме пред 12 години.
ТАА: – Не можам понатаму. Од оној ден…
ТОЈ: – Знам.
ТАА: – Не сакав да бидеш несреќен. Прости ми.
ТОЈ: – Не си ти виновна. Не можеш да се обвиниш затоа што јас те засакав. Не си виновна ти за тоа што не можам да засакам друга. Едноставно, тоа е така.
ТАА: (тивко липање)
ТОЈ: – Мила, време е да се поздравиме и да завршиме со оваа мака. Те молам, направи го тоа за себе и за мене. Нема да се казнуваме веќе, добро?
ТАА: (тивко липање) – Немој… Не спуштај ја слушалката, те молам.
ТОЈ: (тишина) – Не плачи…
ТАА: (тивко липање) – Те сакам.
ТОЈ: – И јас тебе! Но не можеме вака. Не можеме повторно да си ги отвориме старите рани. Немој. Не мисли на тоа веќе. Живеј го животот! Живеј и сети се на мене кога спиеш. Таму можеме да бидеме заедно. Таму ќе те чувам секоја ноќ. Таму имаме 22 години и ништо не може да ни се случи.
ТАА: – Не го сакам ова. Не сакам да исчезнеш!
ТОЈ: Знам. И јас не го сакам тоа, но знам дека е најпаметно. И ти го знаеш тоа, само што сега не сакаш да си признаеш.
ТАА: – Не можам да ја спуштам слушалката.
ТОЈ: – Тогаш, ќе ти помогнам уште овој пат, љубена. Те поздравувам и знај дека секогаш ќе ми бидеш во мислите и во срцето. Живеј среќо моја. Те сакам. (спуштена слушалка)
ТAA: (липање) – И јас те сакам тебе. (липање)
Поминале 40 години. Никогаш повеќе не разговарале, ниту, пак, се виделе.
Тој починал.
На неговата плоча, во долниот десен агол, стоело мало, изгравирано срце, а покрај него пишувало:
“Ова срце припаѓаше само на една жена.”
Покрај тоа, стоел датумот на нивниот телефонски разговор.
Тоа студено, зимско утро, на гробот клечела една старица и тивко плачела. Солзите се лизгале по нејзиното набрчкано лице, а нејзиниот топол здив бил единствената топлина на гробиштата. Во збрчканите раце, држела една црвена роза. Долго време клечела без да се помрдне. Потоа, станала, ја бакнала розата и ја ставила на гробот. Заминала во далечината. Полека… Полека, како да не сакала да замине.
Секоjа година доаѓала на тој ден и носела роза. Секогаш се задржувала по 15 минути, а потоа исчезнувала.
Една година, старицата не дошла. Ја немало старицата, ги немало розите, само празен гроб и снег врз него. Но таа вечер, ѕвездите посебно сјаеле. Сјаеле, бидејќи немало тага. Бидејќи, конечно биле заедно, таму каде што единствено можеле да бидат заедно. Во вечноста…

Извор: за се 

23.08.2014 - 14:07
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега