Павле Трајанов: Воен конфликт би бил кобен за сите нас

 

Македонија, а особено Балканот е пред сериозен безбедносен проблем, кој доколку не се превенира може да предизвика сериозни штетни последици. Претстедателот на Демократскиот Сојуз и Пратеник на владеачкото мнизинство, Павле Трајанов во интервју за Прес24, предупредува на опасноста од ширење на исламскиот радикализам на Балканот. Трајанов смета дека сеопшта балканска конференција со учество на ЕУ и САД, треба да дефинира стратегија за заштита од верскиот фундаметнатлизам.

-Неколку илјади граѓани од балканските држави кои се обучени и се борат во Сирија и Ирак, се сериозен безбедносен проблем и закана за стабилноста на Балканот.
Потребна е анализа и балканска конференција, со учество на ЕУ и САД, на која ќе се дефинира стратегија за со справување со верскиот фанатизам и радикализам.
Неопходна е широка превентивна акција во која ќе се вклучат верските заедници, медиумите, невладиниот сектор, политичките партии, како и државните институции
, вели Трајанов во интервјуто за Прес24.

Пратеникот и добар познавач на безбедносните состојби во Македонија смета дека на ИВЗ во Македонија и е потребна помош од државата, со цел да се спречи институционализирање на радикалните исламисти, како што тоа се случува на Косово и во Босна. Македонија, вели Трајанов не смее да дозволи никаков простор за функцинирање на верски фундаменталисти.

-Нашиот целокупен систем, вклучително и безбедносниот, мора да ги спречува и во корен сече појавите на екстремизам и радикализам, затоа што последиците можат да бидат многу тешки. Трагедијата кај Смилковско Езеро силно предупредува и такви настани не смеат да ни се повторуваат, вели Трајанов за Прес24, потенцирајќи дека најавите за законски измени со затворски казни за оние кои учествуваат во воени конфликти во светот, ќе има ефекти.

Трајанов во интервјуто зборува и за Македонија 13 години по рамковниот договор, но и за улогата на опозицијата во безбеносниот  мозаик на Македонија.

-Процесот на раслојување и фрагментација на СДСМ ќе продолжи, поготово ако не се вклучи во парламентарната дебата, вели во Интервјуто за Прес24, Пратеникот Павле Трајанов.

ПРЕС24: Акцијата на косовската полиција во која беа уапсени членови на радокални исламситички структури го потврди она на што многумина предупредуваа, но некако како да не се земаше со сериозност изминатиове неколку години. Апсењето покажа дека радикалните структури се тука на Балкакот. Засега тие се дел од регрутните центри за борци на истокот, но колку тие се опасност и за регионот?


ТРАЈАНОВ: Балканот се соочува со сериозни закани од страна на екстремен-радикален фундаментализам, меѓу другото и како резултат на регрутацијата на “борци” во редовите на паравоените структури во Ирак и Сирија, кои се враќаат во Косово, Босна, Србија, Албанија и Македонија.
Долго време се шпекулираше дека учеството на граѓани од Косово, Македонија и други држави кои се борат на страната на опозицијата во Сирија е во согласност со стратегијата на НАТО, како и некои влијателни држави, но се покажа дека тие тези се надвор од здравиот разум и логика. Во Македонија беше актуелизирана оваа појава, но немаше слух да се санкционира и да се спроведе превентивна акција за одвраќање на наши граѓани да се вклучуваат во сириските паравоени и воени формации. Ова прашање е регулирано во многу држави, а последната година се донесоа закони со високи затворски казни и во Косово и Босна. Почната е постапка за законска регулатива со високи затворски казни и во Србија.
Неколку илјади граѓани од балканските држави кои се обучени и се борат во Сирија и Ирак, се сериозен безбедносен проблем и закана за стабилноста на Балканот.
Потребна е анализа и балканска конференција, со учество на ЕУ и САД, на која ќе се дефинира стратегија за со справување со верскиот фанатизам и радикализам.

ПРЕС24: Последните информации покажуваат дека во овие радикални групи голема улога, ако не и најважна, имаат верски лица. Апсењето на имамот од Гњилане ја покажуа институционалната вмешаност на исламските верски заедници. Многумина велат дека ако тоа се случува во Косово, каде сепак влијанието на САД е големо, ако во Босна веќе длабоко радикалниот ислам е навлезен во тамшната ИВЗ, колку би можела македонската ИВЗ да биде имуна на тој процес, ако се земе предвид дека тие изминативе години бараа помош од државата?

ТРАЈАНОВ: Повеќе странски влијателни институти подолго време прават сериозни анализи за “џихадот”, калифатот и сл. и какви опасности произлегуваат од тоа, при што сосема прецизно ги посочуваат центрите за регрутација на “борци” во Сирија и Ирак. Повеќе од јасно е дека овој процес на врбување и регрутација се одвива и преку исламските верски заедници, невладините организации, разузнавачки мрежи и друго.
Во Македонија ИВЗ се соочува со слични проблеми, бидејќи некои од имамите (посебно радикалните) се вклучени во регрутација на борци за џихадот, но позицијата на раководството е против радикализмот, што е добра основа за спречување на овие опасни процеси. Неопходна е широка превентивна акција во која ќе се вклучат верските заедници, медиумите, невладиниот сектор, политичките партии, како и државните институции.

ПРЕС24: Господинете Трајанов, сепак се има чуство дека државата како да стои настрана од можноста за институционализрање на радикалниот ислам во ИВЗ во македонија. Честопати одоговорот е дека се следат состојбите?

ТРАЈАНОВ: Во Македонија состојбите се сложени, поради тоа што секогаш активностите добиваат политичка, меѓуетничка и верска димензија, и постојано се калкулира и балансира на штета на нашите стратешки долгорочни интереси.
Нашиот целокупен систем, вклучително и безбедносниот, мора да ги спречува и во корен сече појавите на екстремизам и радикализам, затоа што последиците можат да бидат многу тешки. Трагедијата кај Смилковско Езеро силно предупредува и такви настани не смеат да ни се повторуваат.

На Исламската верска заедница и е потребна помош и поддршка и од државните институции за справување со радикализамот, вахабизамот, фундаментализамот и други негативни процеси со кои се соочува ИВЗ.

 

ПРЕС24: Дали кокетирањето на политиката со овие структури ја засили нивната моќ?

ТРАЈАНОВ: Политичките партии се во неприроден брак со верските заедници и оттаму очекуваат поддршка при секои избори. Тоа е апсурдноста на нашиот плурализам, и секуларниот карактер на државата. Но и верските заедници се зависни од државата, посебно околу враќањето на имотот, финансиска помош, медиумската поддршка и слично.
Но, во некои верски заедници, присутно е влијанието и на странските интереси.

ПРЕС24: Вие најавувате воведување затворски казни за оние кои ќе учествуваат во воените конфликти на други држави. Колку тоа може да го спречи овој процес?

ТРАЈАНОВ: Состојбите се премногу сериозни за да го држиме ова прашање отворено. Освен организаторите мора да одговараат и директните учесници во странските паравоени и воени формации. Повеќето држави, меѓу кои и Германија и Англија предвидуваат и превземаат ригорозни мерки спрема тие што биле дел од паравоените структури. Законските решенија се подготвени, следи меѓупартиско усогласување и нивно прифаќање во парламентарна постапка. Инаку заканата од високи казни, како и можноста за одземање на патна исправа, протерување од државата и слично се механизми кои даваат ефекти и кои ги одвраќаат граѓаните да се вклучуваат во вакви авантури и да се изложуваат на смртна опасност.

ПРЕС24: Господине Трајанов многумина велат дека опсност за регионот, за Македонија од овие лица нема додека тие се на боиштата во истокот. Но, сепак постои можност за нивно враќање овде. Тие имаат структура, а и финансии. Дали нивното враќање може да значи повторно дестабиулизирање на балканот, бидејќи тие луѓе тешко дека можат да се вклопат во овој мултиетнички простор?

ТРАЈАНОВ: Враќањето веќе е во тек, како и нивното поврзување и групирање. Последната акција во Косово каде беа уапсени 40 лица, потоа апсењето и на организаторите (имами и други лица) е последно предупредување за заедничко дејствување на балканските држави. Екстремистите веќе се закана за стабилноста и со сигурност можеме да очекуваме реакција и на нашиот безбедносен но и политички систем.

ПРЕС24: Јавноста има чувство дека за сето ова НАТО, ЕУ, како да премолчуваат. Која би била причината за таквиот лефтерен однос на меѓународната заедница?

ТРАЈАНОВ: Ние постојано чекаме насоки од некој друг. Мораме да водиме сметка за нашите интереси и да се заштитиме од налетот и офанзивата на радикализмот. Но сепак, последните месеци западните држави го брифираат државниот врв за ова прашање, со цел многу посистематски да се пристапи и да се разреши. Земјите членки на НАТО и ЕУ си ги штитат своите интереси, а таква обврска има секоја држава.

ПРЕС24: Како ја оценувате актуелната безбедносна состојба во Македонија, во контекст на овие случувања, но и на се почестите меѓуетнички конфликти меѓу малдите во Македонија?

ТРАЈАНОВ: Република Македонија е стабилна, но тоа не значи дека треба да бидеме спокојни и дека не е можна дестабилизација од пошироки размери, доколку на екстремистите им се дозволи да дејствуваат, поготово како основа за дејствување се користат меѓуетничките односи. Социјалната компонента и ниското ниво на едукација, се одлични услови за манипулација, посебно ако се ветуваат големи држави, благосостојба и слично. Граѓаните во Македонија не се подготвени за меѓусебна пресметка, тоа секогаш се подготвува во влијателните центри, политичките партии, верските центри и слично.

ПРЕС24: Иако засега протестите за случајот Монструм се одвиваат рутински, секој петок, сепак многумина предупредуваат дека насилството од првиот протест лесно може да се повтори. Веројатно е потребна мала искра. Дали овој случај може да остави подолгорочен страв од дестабилизација?

ТРАЈАНОВ: Процесот “Монструм” мора да се води многу потранспарентно и во некоја од наредните фази треба да бидат објавени сите факти и докази, за граѓаните да не бидат манипулирани од политичките партии и поединци. Граѓаните очекуваат одговор на многу прашања, и таа обврска останува на државните институции. Од овој случај политиката треба да се тргне, но судот мора да обезбеди фер судење и да биде резистентен на било какви влијанија.

ПРЕС24: Поминаа 13 години од рамковниот договор. Во овој период секогаш има различни толкувања за неговата примена и успешност. Она што јас сакам да Ве прашам е дали мислите дека политичарите научија да ги менаџираат меѓуетничките кризни состојби овие години?

ТРАЈАНОВ: Кризните состојби од пошироки размери се како резултат на партиските дејствувања. Партиите или нивните невладини организации и медиуми се креатори на кризите, но кога ќе се оттргнат од контрола процесите, тогаш се покажува нивната немоќ, па се бара помош од странство и слично. Контролираните кризи, често пати преминуваат во отворени конфликти. Треба секој оној што учествува во овие валкани процеси за тоа да сноси одговорност. Рамковниот договор беше основан за воспоставување на мир, но ни оддалеку не може да биде основа за градење на граѓанска и демократска држава. Ми се чини дека фаворизирањето на правата на колективитетите не затвара во етнички гета и ги зголемува поделбите. Ни треба граѓански концепт, развој на демократијата и економски развој. Членството во ЕУ и НАТО се гаранции за нашиот соживот.

ПРЕС24: Колку далеку е денеска Македонија од 2001-та?

ТРАЈАНОВ: 2001-та година е зад нас. Конфликтот не врати 20 години назад. Фанатизмот и екстремизмот се предизвици со кои ќе се соочуваме но не треба да стравуваме, туку за проблемите треба јавно да зборуваме и преку дијалог да ги решаваме. Воен конфликт би бил кобен за сите нас.

ПРЕС24: На безбедноста состојба во државата честопати влијае и напнатата политичка состојба. Овој летен период работите се статус кв, но какви се проценките од септеври. Во кој правец би можела опозицијата да води ситуацијата. Можни ли се дополнителни кризни состојби од сегашниот бојкот на Парламентот?

ТРАЈАНОВ: Опозицијата е во дефанзива и класична летаргија. Тоа е штетно за демократијата, за граѓаните и државата во целина. Процесот на раслојување и фрагментација на СДСМ ќе продолжи, поготово ако не се вклучи во парламентарната дебата.
Долгорочно гледано, отстуството на СДСМ од парламентот е неприфатливо и опасно. Треба политичкиот дијалог да продолжи. Очекувам СДСМ да излезе со конкретни законски проекти и решенија околку избирачкиот список, одвојувањето на партиите од државата, медиумските слободи, финансирање на партиите, пописот на населението, Македонија да биде една изборна единица и слично, се со цел да можеме сериозно да расправаме и постигнеме договор. Се друго е политички маркетинг со мал дострел. 

17.08.2014 - 11:56
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега