Банките стабилни - кредитирањето ќе расте

Домашните банки очекуваат зголемување на понудата и побарувачката на кредити. Нивната ликвидност во третото тримесечје се зголемува, а Централната банка интервенира на девизниот пазар откупувајќи го сезонскиот вишок девизи, пишува Лидер.

„Во вториот квартал од годинава според Народната банка на Република Македонија продолжија поволните трендови во економијата. Кредитите бележат раст особено на приватниот сектор, а ликвидноста на банките во јули е зголемена под влијание на автономните фактори и намалениот интерес на банките за краткорочните депозити кај Народната банка. За третиот квартал банките имаат поволни очекувања, со оценка за зголемување и на понудата и на побарувачката на кредити“, констатираше Комитетот за оперативна монетарна политика на народната банка на последната редовна седница.

Растот на БДП од 3,9 проценти во првиот квартал од годинава, проследено со позитива во градежништвото од 13,7%, и континуираниот раст на индустриското производство од стартот на годината се економски показатели кои укажуваат дека кризата е зад нас и е време за позасилен економски раст, кој треба да биде проследен и со забрзано кредитирање. Девизните резерви растат во најголем дел поради надворешното задолжување на меѓународниот пазар на капитал, повлекувањето на средствата од Светска банка, но и поради откупот на вишокот на менувачкиот пазар.

„Според она што јас го следам, банките се уште перципираат одредени ризици во економијата, а тоа е причина да прават кредитно рационализирање, односно, и покрај  тоа што банките располагаат со средства, потешко му ги одобруваат тие средства на стопанството. Сепак, генерална тенденција е со растот на економијата сè повеќе да забрзува и кредитирањето“, објаснува универзитетскиот професор Марјан Петрески.

Аналитичарите на НБРМ сметаат дека надолните ризици околу кредитирањето се присутни, но помалку нагласени.

„Движењата на кредитниот пазар даваат сигнал за постабилни очекувања и преносни ефекти на досегашното монетарно олабавување врз кредитната активност. Сепак, во услови на неизвесен амбиент, и натаму се присутни надолните ризици околу кредитирањето на приватниот сектор, иако со последните остварувања, се помалку нагласени“, стои во извештајот на Народната банка.

Извор: Лидер

14.08.2014 - 11:07
Фото: 
денешен
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега