„Тајните на македонската земја“ - Грците и археологијата ја поврзаа со прашањето за името
Грчкиот весник „Агелиофорос“, кој е специјализиран за северниот дел на земјата, денеска објави коментар под наслов „Тајните на македонската земја“ во кој ги обвини македонските власти дека се „иредентистички расположени против Грција“.
„На 4 и 5 септември во Велс ќе се одржи самит на НАТО, на кој лидерите на соседната земја многу сакаат да присуствуваат, иако не направија ниту мал чекор за решавање на прашањето за името и се иредентистички расположени против Грција“ пишува весникот.
Во текстот се потсетува и на изјавите на германската канцеларка Ангела Меркел, но протолкувани на грчки начин. Меркел, според „Агелиофорос“, „по реизборот на Никола Груевски испрати порака до раководството на Скопје да се постигне напредок во преговорите со Грција за изнаоѓање решение за прашањето за името, кое ќе биде за сите употреби“.
„Се разбира, да не го крадат името на Македонија, туку тоа да биде сложено. Властите на ПЈРМ тоа не го сакаат и сакаат да го присвојат името Македонија и да создадат нова нација, нација на Македонците“, пишува весникот.
Во тој контекст информира и за посетата на премиерот Самарас на археолошкиот локалитет на Амфиполис каде е откриена голема кралска гробница од времето на Александар Велики, каде тој рече дека „се соочуваме со исклучително важно откритие“. Весникот истакнува дека „гробницата е македонска, а тоа што е поголема од гробот на Филип Втори, таткото на Александар Велики, укажува дека таму е погребан некој, или некои, многу важни историски личности“.
„Грчката земја е полна со големи археолошки откритија кои го потврдуваат грчкиот карактер на Македонија. Тоа го потврдуваат ископувањата на археолозите пишувањата на нашите предци. И го прават овој уникатен мозаик на грчката историја. Ова треба да го имаат предвид нашите партнери во Европската унија и НАТО, кои реагираат на Грција за прашањето за името на Македонија, затоа што лидерите на нашата соседна земја сакаат да го користат името ’Македонија’ за иредентистички цели“, заклучува „Агелиофорос“.
Во меѓувреме, во Грција владее целосен молк за реакцијата на македонската Влада за насилничкиот и заканувачки вокабулар кој го употребуваат грчките војници. Во електронските изданија на грчките весници, каде се објавува речиси секој чекор на македонските власти, овој пат никој ништо не знае за видеото објавено на „Јутуб“ во кое кипарски војници на обука извикуваат дека ќе „ја пијат крвта“ на Македонците, ниту за реакцијата на македонската Влада. Засега само неколку портали јавија дека Министерството за надворешни работи на грчкиот амбасадор Теохарис Лалакос му врачи протесна нота. Реакција на официјална Атина не се ни очекува.
МИА
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа