Нема повеќе чекање за рефундација - клексанот ќе биде достапен на рецепт

 


Наместо да се бара рефундација, антикоагулансот „клексан“ ќе може да се подигне на рецепт во аптеките, најави директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски на денешната заедничка прес-конференција со директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов.

Како што посочи Клековски, побарани се две измени во правилникот, односно да се овозможи преместување на лекови од болничката на аптекарската позитивна листа, како и Фондот да добие право за преговарање на цените на лековите кои се субвенционирани. 

– Позитивната листа претставува форма на субвенција за одредени лекови. Сметаме дека кога државата веќе ги субвенционира, треба да имаме право да преговараме за нивната цена, а не да ја прифаќаме автоматски големопродажната цена. Забележавме дека со претходното зголемување на позитивната листа сите производители ги користеа максималните дозволени цени, рече Клековски.

Додаде дека лековите кои се на позитивната листа треба да бидат достапни по пониска цена, со цел субвенциите да имаат реален ефект.

– Прв приоритет ни е префрлањето на антикоагулансите, особено „клексан“, кој веќе е на болничката листа. Наместо пациентите да чекаат рефундација, ќе можат директно да го подигнат на рецепт. Очекуваме штом Комисијата почне со работа и правилниците бидат усогласени, оваа промена да стане реалност, рече Клековски.

Според него, производителите не сакаат да го вклучат таблетарниот антикоагуланс „ксалерто“ на позитивната листа, нагласувајќи дека Фондот разговара со еден од производителите за да обезбеди пониска цена.

– Разговараме со еден од производителите за да обезбедиме пониска цена, бидејќи овој лек е често користен кај повозрасните пациенти со кардиолошки проблеми, додаде Клековски. 

14.02.2025 - 13:32

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега