Никола Бакрачески: Антикампањата за Охрид не е забава туку осмислена и финансиски мотивирана

 

Антикамањата за Охрид има своја позадина и таа не е наивна и не е од забава. Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески во интервју за Прес24, се соменва дека туристички агенции кои организираат патувања во странство, стојат зад медиумските написи дека Охрид е прескап, неуреден, негостољубив и сето тоа е финансиски мотивирано

-Јас не би рекол дека е организирано туку се работи за спорадични новинарски тенденции за кои сите во Охрид се сомневаат дека имаат своја позадина и дека  се најверојатно финансиски мотивирани. Дали зад сето тоа стојат одредени туристички агенции или други чинители кои имаат директен бизнис интерес од продавање на туристички аранжмани во соседството на начин со кој би ги одвратиле потенцијалните туристи од Охрид  и би ги пренасочиле кон туристичките дестинации каде што  имаат склучено договори за продажба на своите услуги. Не можам да тврдам , но логично е  ако некој константно неосновано го напаѓа Охрид како водечки туристички центар во земјава, да има мотив да го прави тоа, вели Бакрачески за Прес24.

Тој убедува дека во Охрид не е се така како што се претставува и дека градот функционира како и секое друго светски познато туристички место.

о нај строгиот центар на градот, на Булевар „Туристичка“, на крстосницата кај „Охридска банка“ има кафетерија во која турско кафе се продава за 20 денари, а еспресо и минерална вода заедно се продаваат за 50 денари, потенцира градоначалникот на најголемиот туристички центар

-Од друга страна би напоменал дека Охрид е град во кој доаѓаат луѓе од целиот свет, дека во лето градот е домаќин на светскиот крем на културата и уметноста. Во Охрид престојуваат и изведуваат свои перформанси врвни светски имиња од областа на музиката, театарот, операта, балетот,поезијата и сл кои настапуваат во познатите светските метрополи на уметноста и културата како Рим, Њујорк, Москва, Лондон, Париз, Токио и ред други ! Понуда која вреди и која можат да си ја дозволат само мал број на туристички дестинации во светот, која е ценета насекаде во светот, за која се пишува во нај престижни списанија и часописи, доаѓа во град во кој се продава кафе за 20 денари ! И како може да се каже дека  Охрид е скап град кога има најширок дијапазон на цени дури и во нај строгиот центар на градот. Значи има цени за секого, вели Бакрачески за Прес24.

Тој не се согласува ниту со констатацијата дека охриѓани се негостољубиви, напротив вели анализите покажуваат дека во Охрид има добри домаќини.

-Времињата кога во Охрид имало не содветен третман на гостите  се одамна минато, денес за жал останаа само шегите, досетките и вицовите за охриѓани како лоши домаќини. Дека охриѓани се гостопримливи луѓе и добри домаќини, најдобро говорат анкетите за задоволство на гостите кои секторот за туризам при локалната самоуправа, заедно со Факултетот за туризам и угостителство ги спроведуваат секоја година, вели Бакрачески.

Градоначалникот на Охрид, кој е нафункцијата 15 месеци, а досега спроведе некоку иницијативи за подобрување на условите за туризам, вели дека со неговото доаѓање на челната функција, градот како да почнува од почеток. Средените правила на игра за концесионерите за плажите и хаосот со паркингот, се само дел од стратегијата како Охрид да стане најдобар туристички центар

-Она што навистина му недостига во овој момент на Охрид е стратегија за маркетинг и промоција на градот, односно потребен ни е многу „поагресивен“ маркетинг. Една од опциите е и ангажирање на странска консултантска куќа за изработка на маркетинг стратегија во туризмот, вели Бакрачевски.

За тоа дали странците се задоволни од Охрид, градоначалникот го потенцира фактот дека оваа година во Пештани  40 лица од Холандија купиле станови или куќи, а во Рача купуваат имот државјани на Велика Британија.

-Сетоа ова е еден одличен показател дека Охрид е ставен на европската мапа за трговија со недвижности и тоа ветува многу, вели градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески во интервјуто за Прес24.

 

ПРЕС24: Велите дека одредени медиуми шират анти кампања за Охрид. На што точно мислите и што е она што ја уништува туристичката сезона?

БАКРАЧЕСКИ: Тука пред се мислам на пласирање на дезинформации, полувистини  и тенденциозни прилози кои имаат за цел во јавноста да креираат  извртен имиџ дека Охрид е скап град со слаб квалитет на  угостителски услуги и нељубезност на домаќините, или информации од типот дека во Охрид водата е загадена, дека е нечист, дека не е безбедно да се престојува во градот и слично. Сето тоа не е ништо ново и по правило се случува петнаесеттина години наназад. Секоја година почнувајќи од мај , па се до крајот на август Охрид е изложен на медиумски напади кои во некои години наликуваат и на медиумски линч, како што се случува оваа година кога мислам дека ситуацијата кулминира.

ПРЕС24: Се сомневате дека станува збор за организирани медиумски напади кон Охрид?

БАКРАЧЕСКИ: Не. Јас не би рекол дека е организирано туку се работи за спорадични новинарски тенденции за кои сите во Охрид се сомневаат дека имаат своја позадина и дека  се најверојатно финансиски мотивирани. Дали зад сето тоа стојат одредени туристички агенции или други чинители кои имаат директен бизнис интерес од продавање на туристички аранжмани во соседството на начин со кој би ги одвратиле потенцијалните туристи од Охрид  и би ги пренасочиле кон туристичките дестинации каде што  имаат склучено договори за продажба на своите услуги. Не можам да тврдам , но логично е  ако некој константно неосновано го напаѓа Охрид како водечки туристички центар во земјава, да има мотив да го прави тоа. Веројатно е дека овие  кампањи не се прават за некој да се забавува, туку  претпоставуваме дека се осмислени и мотивирани од финансиски интереси.

ПРЕС24: Кој би имал корист од вакви напади, зошто некој би сакал да и наштети на туристичката сезона?

БАКРАЧЕСКИ: Можеме да претпоставиме дека корист имаат одредени туристички агенции и чинители кои  се специјализирани за организирање на летувања и патувања во соседството. Секако дека истите не би имале  интерес луѓето кои планираат да летуваат или одредени денови од одморот или викендите да ги поминат во  Охрид тоа и да го сторат, туку интересот им е да  ги одвратат од Охрид и да ги насочат да летуваат во соседните земји , за каде што нудат аранжмани.

ПРЕС24: Меѓу оние написи, за кои велите дека се на штета на туристичката сезона во Охрид, најчесто се поврзани со високите цени на угостителските објекти. Вие велите дека тие не се превисоки, но сепак тие се за ниво повисоки од сите други градови во Македонија?

БАКРАЧЕСКИ: Охрид има цени за сечиј џеб и не би рекол дека се повисоки буквално од сите градови во Македонија. А и не може да се очекува Охрид како главен туристички центар  во летниот период и културна престолнина на Македонија да има цени еднакви со останатите градови во внатрешноста на земјава.

 Од друга страна најголемиот дел од странските туристи кои престојуваат во Охрид доаѓаат од земји со далеку поголема куповна моќ од нашата, па претпоставувам дека пазарната логика резултира со цени кои се нешто повисоки од другите градови и тоа пак ќе кажам само во одредени  селектирани угостителски објекти. Но ако се погледнат цените дури и низ центарот на Охрид, значи не зборувам за периферијата, ќе наидете на случаи каде кафето е поевтино дури и од малите градови во Македонија. На пример, во нај строгиот центар на градот, на Булевар „Туристичка“, на крстосницата кај „Охридска банка“ има кафетерија во која турско кафе се продава за 20 денари, а еспресо и минерална вода заедно се продаваат за 50 денари. Од друга страна би напоменал дека Охрид е град во кој доаѓаат луѓе од целиот свет, дека во лето градот е домаќин на светскиот крем на културата и уметноста. Во Охрид престојуваат и изведуваат свои перформанси врвни светски имиња од областа на музиката, театарот, операта, балетот,поезијата и сл кои настапуваат во познатите светските метрополи на уметноста и културата како Рим, Њујорк, Москва, Лондон, Париз, Токио и ред други ! Понуда која вреди и која можат да си ја дозволат само мал број на туристички дестинации во светот, која е ценета насекаде во светот, за која се пишува во нај престижни списанија и часописи, доаѓа во град во кој се продава кафе за 20 денари ! И како може да се каже дека  Охрид е скап град кога има најширок дијапазон на цени дури и во нај строгиот центар на градот. Значи има цени за секого.

ПРЕС24: Кога зборуваме за туризмот во Охрид, треба да се напомене дека една од забелешките на туристите е и односот кон нив. Впрочем за промена на менталитетот, кој би подразбирал подобри домаќини постојат и некои државни кампањи, кои преку видео спотови апелираат на тоа. Она, што јас сакам да Ве прашам е дали Охрид и охриѓани се добри домаќини?

БАКРАЧЕСКИ: Секако дека се и точно по тоа сме надалеку познати! Спорадични случаи има насекаде  и во Грција и во Хрватска и Во Турција и во Шпанија и Италија и тие не можат да бидат репер за генералната оценка. Времињата кога во Охрид имало не содветен третман на гостите  се одамна минато, денес за жал останаа само шегите, досетките и вицовите за охриѓани како лоши домаќини. Дека охриѓани се гостопримливи луѓе и добри домаќини, најдобро говорат анкетите за задоволство на гостите кои секторот за туризам при локалната самоуправа, заедно со Факултетот за туризам и угостителство ги спроведуваат секоја година. Во нив најголем дел од испитаниците-туристите своето задоволство го искажуваат од гостопримливоста на домаќините. Но се разбира, секогаш и секаде постои простор за  подобрување на  односот кон туристите и гостите и квалитетот на услуги кои ги нуди персоналот во локалите и хотелите или станоиздавачите во нивните домови. Но не можеме преку претставување или прераскажување на спорадични случаи во приватни разговори да генерализираме. Се разбира на нас како одговорна локална власт и граѓаните како добри домаќини ни останува  континуирано да работиме на подобрување на квалитетот на услугите и ваквите спорадични случаи да ги сведеме на минимум.

ПРЕС24: Многумина сметаат дека за добар туризам е потребен организран град, јасни правила на игра. За жал изминативе десетина години на Охрид му недостасуваше тоа. Вие кога дојдовте на местото Градоначалник најавивте, а и на терен презедовте некои мерки (како паркингот, плажите на пример.). Колку тие мерки го менуваат ликот на градот?

БАКРАЧЕСКИ: Охрид во изминатите 15 месеци од како сум јас Гранодачалник како да тргна од почеток. Како што рековте паркинзите во градот денес се една сосем поинаква слика од она што беа кога го презедов мандатот. Насилствата и недоличното однесување на паркинзите се минато. Сега со нив стопанисува ЈП „Билјанини Извори“ и се’ е променето, од односот на вработените кон оние кои паркираат, до цените кои се намалени за 40-60%, а наскоро ќе има и нови промени во квалитетот на услугите во овој дел од како ќе стартува новиот систем за електронска наплата. Плажите ова лето се постојано контролирани од инспекторатот кој непрекинато ги проверува дали се придржуваат до обврските кои произлегуваат од концесионерскиот договор, пред се’ во делот на уреденоста на просторот, хигиената, хортикултурното уредување, интернетот, безбедноста на капачите, слободен пристап на гостите, па се до обезбедување на простор помеѓу 40 и 60 % ослободен од реквизити како лежалки и чадори. Истото е и со кафетериите , рестораните и другите локали кои повеќе не може на диво да ги прошируваат своите тераси и да го узурпираат просторот надвор од она што им се одобрило со програмата за поставување на урбана опрема и за што тие платиле. Истото се случи и со тезгите и времените објекти во центарот на градот, низ чаршијата, на плоштадот и кејот. Ја нема повеќе панаџурската слика низ ценаторт на Охрид. Се спроведе ред ! Со сето  тоа се смена ликот на центарот на градот, кејот  и плажите и што е уште позначајно и  впечатокот на туристите е променет. Тие сега во Охрид гледаат културен центар на државава, а не панаѓур.

ПРЕС24: Господине Бакрачевски, Охрид е туристички град. Како да стане, не подобар, туку одлично место за туристите? Имате ли концепт за стратешки развој на туризмот?

БАКРАЧЕСКИ: Низ една тесна соработка со експертската јавност, со вклучување на се’ поголем број на професионални и едуцирани кадри , како и во соработка со Владата на Република Македонија, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот , еснафските организациии и телата на  Светска туристичка организација, очекуваме новата стратегија за развој на туризмот да почне да се изработува оваа есен. Очекуваме голема помош  и од услугите кои ни ги понуди секретарот на Светска туристичка организација Талеб Рифаи кој беше наш гостин во Охрид и беше фасциниран од градот. Она што навистина му недостига во овој момент на Охрид е стратегија за маркетинг и промоција на градот, односно потребен ни е многу „поагресивен“ маркетинг. Една од опциите е и ангажирање на странска консултантска куќа за изработка на маркетинг стратегија во туризмот.

ПРЕС24: На Охрид му недостасуваат повеќе хотелски капацитети. Имаше најава за реализација на такви проекти. До каде е тоа?

БАКРАЧЕСКИ: Во моментов се почнати градежни зафати за подготовка на теренот на ридот кај „Инекс Горица“ каде ќе почне да се гради хотелот од брендот ‘’ Small luxury hotels’’. Во завршна фаза е и подготовката на документацијата  за изградба на хотелот на „Фибула“ во центарот на градот до каналот Студенчишта. Од друга страна има голем интерес од неколку странски инвеститори за купување на земјиште во крајезерската област на населбата Св Стефан за изградба на луксузен хотел. За оваа намена се подготвува документација за објава на тендер за продажба на земјиштето. Има зголемен интерес на странците за градба на куќи и купување на станови за доселување во Охрид. Колку за илустрација  ќе спомнам дека оваа година во Пештани  40 лица од Холандија купиле станови или куќи, а во Рача купуваат имот државјани на Велика Британија. Сетоа ова е еден одличен показател дека Охрид е ставен на европската мапа за трговија со недвижности и тоа ветува многу.

ПРЕС24: Инфраструктурата е особено важна за едно туристичко место. Почната е реализацијата на автопатската делница од Кичево до Охрид, се најавуваше и нов патен правец до Свети Наум. Ќе помогне ли тоа за развојот на туризмот.

БАКРАЧЕСКИ: Автопатот е капитална и најзначајна инвестиција која ја обезбеди Владата и е од круцијално значење за туризмот и економијата во Охрид, но и за  стопанството во западна Македонија и за цела држава. Овој автопат ќе го доближи Охрид пред се’ до метрополата Скопје, а со тоа и до светот. Туристите ќе имаат можност полесно, побезбедно и побрзо да стигнат во Охрид било тоа да пристигнат во Макдонија  по копно било со авион.  Секако тоа ќе даде дополнителен мотив и за домашните туристи и гости што повеќе да патуваат кон Охрид. Освен тоа, ние правиме напори и обезбедивме буџет преку субвенционирање на летови да овозможиме директни линии кон и од Охридскиот аеродром, започнувајќи од 2015 година, што значително ќе го зголеми бројот на странски туристи во Охрид. Со средства од владата на Република Македонија, во план е и изградбата на нов експресен пат од Охрид до Пештани во прва фаза, а потоа и кон Св Наум, што претставува проект со кој значително се подобрува инфраструктурата и патното поврзување не само во градот туку и во сите населби и села кои се важен дел од туристичката понуда на Охрид, а секако и поврзување со соседните населени места во Албанија.

ПРЕС24: Некоја општа перцепција е дека Охрид е некој вид викенд туристичка дестинација за домашните туристи. Се согласувате со ваквата констатација?

БАКРАЧЕСКИ: Чесно е да се каже дека има вистина во таа констатација. Како што кажав најголемиот  број домашни туристи во Охрид се од Скопје, Битола, Кичево и Прилеп, но ги има од секаде во државата. Нема прецизни податоци колку пати едни исти луѓе доаѓаат во летото, но факт е дека има луѓе кои доаѓаат по три , четири па и повеќе пати во текот на летото во Охрид, без разлика дали е тоа викенд или е во работни денови. Тука мора да се земе во предвид и фактот што туристичките работници и сопствениците на локали, најголем дел од културните, спортските, рекреативните и забавните содржини и настани ги организираат во викенди и тие привлекуваат голем број луѓе , најмногу млади кои доаѓаат на викенд да се забавуваат. Кај странските туристи имаме поинаква ситуација. Охрид за нив  најчесто е дестинација за подолг престој и тие престојуваат од 5 до 10 дена во градот. Туроператорите оваа година ги имаат закупено поголемите хотели во Охрид скоро за 6 месеци, за гости од земјите на Бенелукс и Турција. Но  има и такви, најчесто од соседството кои доаѓаат за викенди  или пак такви на кои Охрид им е дел од дестинациите на балканските или европските тури. Овие туристи ги има преку цела година,а не само во лето.

ПРЕС24: Како ја оценувате оваа туристичка сезона, некои велат подобра од последните две години, но дали е тоа доволно, со оглед на тоа што последните неколку години Охрид стагнираше?

БАКРАЧЕСКИ: Оваа туристичка сезона е специфична по тоа што иако сме на средина од август, временските прилики беа такви да не успеавме да доживееме барем три дена поврзани  со сончево време без да врне. Тоа не може да нема влијание на туристичката сезона бидејќи домашните туристи доаѓаат меѓу другото и за да одат на плажа, а дождот не може да не ги одврати од тоа. Но и покрај тоа бројот на гости во Охрид заклучно со јуни е поголем за 2,6 проценти  во однос на минатата година. Тука треба да се нагласи дека бројот на странски туристи во овој период е поголем за 6,5 проценти, а на домашни е намален за 4,7 проценти. Покрај тоа на име на туристичка такса се наплатени дури за 38% повеќе од истиот период лани. Ваквите показатели на пораст на вкупниот број на туристи, и пред се’ на странските  е последица на мерките кои ги презеде Охрид и Владата на РМ со низа мерки за зголемување на атрактивноста на туристичката понуда како на пример доделување на субвенции за странски туристи, субвенционирање на туристичката такса, субвенционирање на авио-летови, подобрување на маркетингот во светски часописи и телевизиски куќи, подобрување на квалитетот на услугите во хотелите,  збогатување со нови содржини...

ПРЕС24: Како го оценувате проектот на Владата со индустриските зони и најавите за странски инвестици. Што ќе значи тоа за Охрид и Струга?

БАКРАЧЕСКИ: Оваа Влада е првата која по осамостојувањето на државата презеде конкретни и ефективни мерки за привлекување на странски инвестиции не само во слободните индустриски зони туку и во запуштените и пропаднати индустриските капацитети кои до почетокот на деведесеттите беа главен двигател на стопанството. Со изградбата на индустриската зона Мауцкер за која интерес пројавија многу домашни компании, најавените две германски инвестиции во делот на автомобилската индустрија од кои „ОДВ Електрик“  ќе стартува со работа од оваа есен, даваат добра основа за надеж дека локалната економија конечно ќе тргне во правата насока. Пројавен е и интерес на инвеститори од Турција, Катар и Русија во делот на туризмот , информатиката и компјутеркиот инжинеринг и земјоделието. Новата технолошко-индустриска зона што ќе се гради меѓу  Охрид и Струга е можност за отворање на нови работни места и подигање на локалниот економски раст на двата града, но секако и надеж за младите во овие краеви да градат кариера тука во своите родни места и да ја гледаат својата перспектива без да мислат за иселување во Скопје или надвор од државата 

10.08.2014 - 12:13
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега