Состојбата во Бих алармантна - многу градови поплавени

Повеќе општини во БиХ кои беа погодени од мајските катастрофални поплави, повторно се соочуваат со проблеми откако поради поројните дождови што траат со денови се излеаја помали реки и потоци, поплавувајќи ги пониските објекти и блокирајќи го сообраќајот.  

Во општината Завидовиќ  донесена е одлука за прогласување состојба на природна катастрофа. Невремето предизвикало поплави, одрони и прекин во сообраќајот, водостојот на реките е зголемен.

- Ситуацијата минатата ноќ била исклучително сложена, а ништо подобра не е ниту утрово, бидејќи дождот постојано врне, истакна Сеад Ѓановиќ, директор на Кантоналната управа за цивилна заштита на ЗДК.

Во Тузланскиот кантон биле поплавени околу 100 станбени објекти, а реката Турија однела и еден пешачки мост.

Најкритична е ситуацијата во Шпионице, каде се поплавени десетици станбени објекти, а во текот на ноќта е извршена и евакуација на жителите од неколку домови.

Нивото на водата во реката Спречи кај Карановачкиот мост изнесува 453 сантиметри, а 300 е критична точка, па ситуацијата е алармантна.

Улиците на Грачаница се под вода, како и Спортската сала.

Речиси сите месни заедници на подрачјето на општина Тузла пријавиле дека се поплавени.

И на подрачјето на Бања Лука се излеале реките и се активирало лизгање на земјиштето, поради што стапиле во сила мерки за заштита на одбраната од поплави, а активиран е и Градскиот штаб за вонредни ситуации и единиците на Цивилна заштита.

Во повеќе пригратски населби и делови на Бијелина без електрична енергија останале околу 5.000 корисници.

Во Зворник реката Сапна „излегла“ од коритото и поплавила околу 18 куќи и магистралниот пат Зворник-Бијелина.

Во Сребреник синоќа биле поплавени речиси 300 објекти, оштетени 26 мостови, три образовни институции и три воденици.

Ситуацијата во општината Илиџа утрово била речиси целосно стабилизирана во однос на синоќа, кога дошло до излевање на реките кои поплавиле околу 30 куќи, а пожарникари ја испумпувале водата.

06.08.2014 - 14:23
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа