Реакции на извештајот за трговија со органи на Косово

Поранешниот главен обвинител на Хашкиот трибунaл Карла дел Понте изрази жалење дека тимот задолжен за истрага на трговијата со човечки органи за време на конфликтот во Косово во 1999 година не открил доволно докази за покренување обвинение против виновниците за овие злосторства, јави Танјуг.

- Тажно, но не сум изненадена, затоа што е многу потешко да се изврши соодветна истрага толку многу години по настаните, изјави Дел Понте, која прва јавно ги изнесе тврдењата за трговија со човечки органи во Косово во својата книга „Лов“ во 2008.

Таа потсети дека и обвинителите на трибуналот не можеле да соберат докази за трговијата со органи, затоа што „никој не сакал да им помогне“.

Дел Понте истакна дека самиот Вилијамсон, кој денеска ги претстави резултатите од тригодишната работа на тимот на прес-конференција во Брисел, рекол дека тој лично верува оти имало трговија со органи.

Српскиот обвинител за воени злосторства Владимир Вукчевиќ оцени дека и покрај недостигот на докази за трговија со органи, тимот на Вилијамсон утврдил дека несомнено се извршени воени злосторства.

- Тоа е задоволителен момент кон жртвите и голем придонес кон меѓународното право, истакна Вукчевиќ.

Обвинителот рече дека по објавувањето на книгата на Дел Понте обвинителството започнало да ја истражува судбината на 300 до 500 исчезнати лица од неалбанска националност и работејќи на тоа собрало податоци дека има трговија со органи.

Заменик-обвинителот за воени злосторства Бруно Векариќ коментира дека извештајот на Вилијамсон е чекор напред кон постигнување правда. Најважно е дека се докажани воени злосторства и се посочени факти кои покажуваат кој е нивниот можен извршител.

- Најтешко е да се докаже трговија со органи. Ако најдете скелет, не се знае дали му се извадени органите, рече Векариќ додавајќи оти не е исклучена и можноста за покренување обвинение за трговија со органи, откако ќе биде формиран специјален суд за воени злосторства во Косово.

29.07.2014 - 16:20
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега