Се намалуваат платите и пензиите во Србија - Македонија дополнително ќе ги зголеми

Со ребаланс на буџетот кој ќе се најде во Собранието најдоцна до 15 септември, српската влада ќе ги намали платите и пензите за 10 отсто. Српскиот премиер Александар Вучиќ се одлучи на поблага варијанта на намалување на платите и пензиите, откако не ги прифати мерките на министерот за финансии во оставка Лазар Крстиќ, кои беа далеку поригорозни.

Како што изјави новиот министер за финансии, Душан Вујовиќ, владата ќе се труди намалувањето да не биде повеќе од десет отсто.

-Ефектите од намалувањето на платите и пензиите ќе бидат отприлика две третини од потребното кратење на буџетскиот дефицит, а остатокот ќе се покрие од снижување на трошоците. Следната година се надевам дека нема повеќе да се поставува прашањето за намалување на плати и пензии, а како резервна мерка ќе го имаме зголемувањето на данокот на додадена вредност (ДДВ), рече Вујовиќ.

И додека во Србија се кратат платите и пензиите, во Македонија тие ќе се зголемуваат. Министерот за финансии Зоран Ставрески, вчера изјави дека од октомври ќе се зголемат платите на јавната администрација, а догодина и ново покачување на пензиите.

- Деновиве Србија објави дека ќе ги намалува платите и пензиите за 10 отсто.Португалија истото го направи. Даноци на пензии се воведуваат во некои земји. Ние сме далеку од тоа. Со здравите економски политики ќе успееме не само да не дојде до такви ситуации, туку и да го реализираме она што е ветено кон граѓаните, а тоа е зголемување на платите во јавниот сектор оваа година, почнувајќи со платата за месец октомври, изјави министерот Ставрески.

27.07.2014 - 10:26
Фото: 
нетпрес
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега