Се спаси Мостот на Велија во Охрид
Решението на локалниот инспекторат за уривање на „Мостот на желбите“ во Охрид нема да се спроведува до завршувањето на главната туристичка сезона, е одлуката донесена на денешниот состанок на претставници на локалната самоуправа со концесионерите на плажите кај Канео.
Според одлуката на локалниот инспекторат, „Мостот на желбите“, е дивоградба, изграден без проект, не е спроведна контрола во текот на градењето, а не е спроведен е технички прием во времето кога објектот беше предаден во употреба.
Сопственикот на угостителски објект кај Канео и концесионар на плажата Димитар Пендов појасни дека одлуката за отстранување на мостот нема да се спроведува се додека не се реализира најавата на локалната самоуправа за изградба на соодветна пешачка патека на тој дел од крајбрежјето што води кон локалитетот Канео.
- Во интерес на туристичката сезона и во интерес на жителите од овој дел од градот дојдовме до заедничко решение да се одложи уривањето, со тоа што техничките служби на општината уште веднаш ќе излезат на терен да ја констатираат состојбата со цел да се отстранат сите неправилности и во најкратко време да се санираат за да нема несакани последици, изјави Пендов.
Николче Милески од Општинскиот инспекторат потврди дека извршувањето на одлуката за уривање на мостот нема да се спроведува во моментов за да се избегнат несакани последици во мигови кога во полн ек е главната летна туристичка сезона на Охридската ривиера.
- „Мостот на желбите“ мора да се отстрани и тоа ќе биде спроведено по завршувањето на сезоната, појасни Милески.
Тој додаде дека се разгледува опцијата за изградба на пешачка патека на потегот од Лабино до Градското пристаниште, но се уште не може да се каже кога би се реализирал тој проект.
- Изградбата на патеката нема да значи уривање на одредени објекти, има доволно место каде би се протегала, а земјиштето покрај брегот е во сопственост на Република Македонија, рече Милески, без притоа да појасни кога би отпочнале гредежните активности.
Состанокот меѓу концесионерите и претставниците од локалната самоуправа следуваше откако утрово инспекциски и други надлежни служби започнаа активности по решението за уривање на „Мостот на желбите“.
„Мостот на желбите“ е донација од поранешниот бизнисмен Велија Рамкоски, кој во моментов издржува затворска казна поради финансиски криминал.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа