Нова жртва на опасната бактерија - ноќеска почина 55 годишна жена
Во текот на ноќта почина пациентката со листериозен менингоенцефалит, што подолг период се лекуваше на одделението за интензивна нега на Клиниката за инфективни болести-Скопје, соопшти Министерството за здравство. Станува збор за пациентка на возраст од 55 години која спаѓала во ризична група пациенти поради хронични заболувања. Ова е чеврто починато лице од бактеријата листерија во Македонија.
Пациентката, како што се наведува, била хоспитализирана на 7 јуни на одделот за интензивна нега на Инфективната клиника со главоболка, повраќање, покачена температура и други потешкотии, кои започнале една недела пред прием на клиниката. Веднаш е отпочнат третман со антибиотска терапија, антиедематозна, диуретска, антикоагулантна, антиулкусна и останата супортивна терапија. Дошло до одредено подобрување на нејзината здравствена состојба, но во текот на вчерашниот ден настапува нагло влошување на состојбата со застој на срцето и покрај преземените мерки за интензивно лекување, во текот на ноќта состојбата се влошила и констатирана е смрт.
На Клиниката за инфективни заболувања во моментов нема хоспитализирани пациенти со листерија, а значително е подобрена и стабилна здравствената состојба на доенчето хоспитализирано на одделот за неонатологија при Клиниката за детски болести.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа