Побрзи процедури за лиценци во угостителтството и продажба на алкохол

Министерството за економија воведува нови процедури со кои двојно, па и тројно ќе се забрза процедурата за издавање лиценци за вршење угостителска дејност и за продажба на алкохолни пијалоци. Постапката ќе биде транспарентна и од денеска ќе може да се следи на веб-страницата на Министерството и секој субјект да знае кога точно ќе ја добие лиценцата.

- Министерството за економија пропиша прецизна процедура за постапување по поднесените барања за издавање лиценци за вршење угостителска дејност и за продажба на алкохолни пијалоци со кои роковите за издавање лиценци се намалуваат од 15 на четири дена  доколку документацијата е потполна. Во случај деловниот субјект да не поднел целосна  документација или ако постојат формални недостатоци рокот е седум дена за добивање лиценца или решение за одбивање, информира ресорниот министер Беким Незири на денешната прес-конференција.

- Забрзувањето на постапката е особено значајно од причина што околу 700 од лиценците за продажба на алкохол истекуваат во септември, а уште 900 до крајот на годинава, рече Незири.

Новитет е, нагласи, што дневно ќе се ажурира веб-страницата на Министерството за економија на која ќе има информации во делот на добивање лиценци и секој субјект ќе може да провери до каде е процедурата. На тој начин ќе се овозможи побрз и поефикасен начин на функционирање на администрацијата во Министерството и ќе се оневозможи некој од небрежност или од која било причина да згреши.

Незири, одговарајќи на прашање информира дека досега има мал број случаи на одземање на лиценците поради неисполнување или непридржување на условите кои се предвидени со закон. - Пазарната инспекција прави редовни контроли и доколку некој од субјектите не ги почитува условите на нејзин предлог ние ја одземаме лиценцата, појасни Незири. 

17.07.2014 - 13:19
Фото: 
офнет.мк
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега