Пристигнаа ѕвездите на концертот што ќе го отвори „Охридско лето“

 

Многу сме среќни што сме тука, што првпат на двајцата ни се даде можност да ја запознаеме овдешната публика и убавините на оваа земја за која што сме слушнале. Се надеваме дека утре нема да врне, дека времето  ќе не послужи, истакнаа уметниците Барбара Фритоли и Лео Нучи, ѕвездите на утрешното свечено отворање на годинашното издание на фестивалот „Охридско лето“.

Италијанскиот баритон Нучи  изрази задоволство  што му е доделена честа токму нему и на неговата колешка, сопранистката Фритоли, да бидат дел од еден прекрасен фестивал и во спектакуларен амбиент  што зрачи со расположение и ведрина за каква што има слушнато од неговите колеги кои претходно настапувале на фестивалот.

Ѕвездите на утрешното отворање пристигнаа со приватен авион на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ и веднаш се упатија на прием кај претседателот Ѓорге Иванов во резиденцијалната вила „Билјана“.

- „Охридско лето“ на оваа 54. издание е домаќин на атрактивни настани и светски уметници, домаќин на најдобрите, најзвучните и на познатите уметници. Така и ќе започне ова фестивалско издание утре на Античкиот театар од 21 часот, со мегаѕвездите - оперската дива Барбара Фритоли и легендарниот  Лео Нучи заедно со Македонската филхармонија со атрактивна програма на големиот Џузепе Верди, изјави селекторот на музичката  програма на фестивалот, Гордана Јосифова-Неделковска.

Според критиката, Фритоли е гламурозна певица со ангелски глас која уште со првиот контакт ја освојува публиката, а Лео Нучи го оценува  не само како фантастичен пејач, туку длабок уметник со вистинска емоционалност, кој на фантастичен начин ја доловува улогата што ја толкува, ја маѓепсува публиката и ја пренесува во друг свет и во друго време.

Гала-концертот на Џузепе Верди, на утрешното свечено отворање на фестивалот, ќе го води аргентинскиот диригент Луис Горелик. И оваа година „Охридско лето“ се одржува под покровителство на претседалот  на Република Македонија. 

11.07.2014 - 18:15
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега