МНР: Протестни ноти на амбасадорите на Албанија и на Косово
Во Министерството за надворешни работи денеска се повикани вонредните и ополномоштени амбасадори на Република Албанија и на Република Косово во Република Македонија и врачени им се протесни ноти во однос на некои официјални ставови и изјави од двете земји во врска со насилните протести по првостепената судска пресуда на доживотен затвор за шест лица прогласени виновни за кривично дело тероризам.
Како што се вели во соопштението на МНР, на амбасадорите на овие две земји им беше укажано дека ставови и интерпретации со кои се доведува во прашање функционирањето на правната држава и постапувањето на судството како независна власт во Република Македонија, како и политички оценки од страна на високи политички претставници не придонесуваат кон негување на конструктивни, позитивни, пријателски и добрососедски односи.
- Вакви изјави може да се протолкуваат како мешање во внатрешните работи на Република Македонија и не се во правец на јакнење на взаемната доверба и добрососедство – принципи кои Република Македонија ги негува и за кои искрено се залага во билатералните односи со соседите, стои во сооптението.
На амбасадорот на Република Косово му е врачена и протесна нота со која најостро се осудува вандалскиот чин, палењето на македонското знаме пред македонската амбасада во Приштина, со кој, се вели, длабоко се навредува дигнитетот на Република Македонија. Воедно е искажано и очекување дека надлежните косовски органи најитно ќе преземат соодветни мерки за пронаоѓање и казнување на сторителите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа