„Охридско лето“ без долгови го дочекува 54-то фестивалско издание

 

Благодарение на успешното менаџирање и поддршката на надлежните државни институции, националната установа – „Фестивал Охридско лето“ успеа да го расчисти долговите кон доверителите, што секако се очекува да придонесе за поуспешно работење на институцијата, но и подобрување на програмските содржини предвидени за идните фестивалски изданија.

Раководството на „Охридско лето“, управниот одбор на институцијата денеска се сретна со пратениците од Охрид во македонското Собрание, на која беше разговарано за начините како државата уште повеќе да придонесе во активностите и заложбите за издигнувањето на најголемата музичко-сценска манифестација во земјата на уште повисоко ниво, достојно на реномето градено повеќе од пет децении.

Пратеникот Александар Николовски најави дека пратениците од Охрид ќе се ангажираат за подобрување на условите за работа и развој на сите културни институции во градот, преку изградба на повеќенаменски објект, затворена сцена на која би се реализирале дел од содржините на фестивалот, но и на другите културни манифестации во градот, како Балканскиот фестивал на народни песни и игри, претставите на возобновениот Народен театар, кино проекции и секакви други активности од културен карактер.

Дел од активностите на државните институции во насока на подобрување на условите за одржувањето на настаните во рамки на „Охридско лето“ веќе се завршени, со реализација на најавените градежни зафати за покривање на сцените на Античкиот театар и на сцената „Долни Сарај“, со монтажни покривни конструкции, кои според својата функционалност и изглед наликуват на сцените на најголемите и најпрестижните културни манифестации од тој вид во светски рамки.

Наскоро ќе блесне и сцената на Антички - на 12. јули со свеченото отворање на 54-то издание на фестивалот „Охридско лето“, со настапот на светски познатите оперски ѕвезди, сопранот Барбара Фритоли и баритонот Лео Нучи од Италија, во придружба на уметниците од Македонската филхармонија, под раководство на аргентинскиот диригент Луис Горелик. 

08.07.2014 - 12:07
Фото: 
Република
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега