Ќе нема скриени предмети во фиоките на администрацијата

 

Надградениот Систем за електронско управување со документи во државните институции треба да донесе забрзана постапка при доделување документи за граѓаните од државните институции, без заборавени предмети, со електронско мониторирање на движењето на документите. 

Министерството за информатичко општество и администрација, како носител на проектот, набави 23 нови скенери, со брзина на скенирање од 60 листа во минута, за потребите на 14 институции.  Скенерите се набавени од фирмата Импегна, а цената на набавка изнесува милион и 520 илјади денари, постигната по одржана електронска негативна аукција.

- Овој проект е особено значаен затоа што ќе се води автоматски процес на севкупниот начин на работење во институциите.  Продолжуваме да го надградуваме овој систем, кој е еден од значајните за воведување ефикасна и услужно ориентирана администрација. Со  него ќе нема повеќе скриени предмети во фиоките на вработените во администрацијата. Секој  предмет што влегува во администрацијата ќе биде скениран, а потоа одговорните лица ќе можат да следат каде е заглавен предметот односно кој вработен го обработува според барањето на граѓаните, рече министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на денешната прес-конференција.

Целта на овој проект, рече министерот, е водење електронска архива во институциите, како и електронска размена на документите, преку предефинирани процеси кои го определуваат текот на документот, вклучително и лицата одговорни за изработка и одобрување на документите. Ќе се обезбеди, нагласи Ивановски, брз проток на документите и информациите низ деловниот систем и ќе се унапреди поединечното и севкупно функционирање на институциите преку стандардизација на работните процеси. 

Од 1 јануари годинава во системот се креирани вкупно 17.315 документи, а низ архивскиот модул поминале 139.080 документи.

МИОА, додаде Ивановски, продолжува со акцискиот план за спроведување на системот во уште 10 институции. Вкупно ќе бидат опфатени 20 институции, сите министерства, секретаријатите и генералнииот секретаријат на Владата. Досега се  завршени 50 процеси, а уште 35 се во финална фаза. 

07.07.2014 - 13:21
Фото: 
Лидер
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега