Што се случуваше викендов во Битола?
Бит фест продолжува да ги забавува битолччани. Во петокот се одржа детскиот фестивал СИ ДО, на кој оваа година беа изведени 20 композиции од кои 14 се новокомпонирани, 3 песни се избор од најголемите хитови на СИ ДО и три песни во изведба на гости од Бугарија и Албанија
БИТ ФЕСТ: КОНЦЕРТ НА ММД „НИКОЛА КАРЕВ“ – МЕЛБУРН АВСТРАЛИЈА
Во амфитеатарот на античкиот локалитет Хераклеа се одржа концерт на ММД „Никола Карев“ од Мелбурн, Австралија. Многубројната публика уживаше во прекрасниот настап.
БИТ ФЕСТ:ТЕАТАРСКА ПРЕТСТАВА „ЧИЈА СИ“НУ ДРАМСКИ ТЕАТАР СКОПЈЕ
Во „Чија си“ се прикажани животните патишта на група луѓе лоцирана во „калта“ на едно маало од периферијата на Скопје во 80-те години на минатиот век. Смртта на Ј. Б. Тито и почетокот на распадот на бившата С. Ф. Р. Југославија се само фон врз кој се насликани судбините на ликовите кои заглавени во својата маалска филозофија гнијат и се распаѓаат во обидот да досегнат барем малку среќа.
Протагонисти во претставата се истите тие луѓе 30-тина години подоцна кои врз себе го носат багажот на еден бивш систем, на една бивша држава, на еден бивш живот, на еден бивш свет, на кој припаѓале и се распаднал, а нов не доизградиле. Бившото станува реалитет во кој живеат и се обидуваат преку деконструкција на минатото да ги редефинираат своите постапки. Во тој лавиринт се загубиле многу вистини, згаснале многу соништа и пропаднале многу надежи. Очајнички е секој обид било што да се поправи – минатото е непроменливо. Останува само покајанието зошто не се сакавме доволно, а тоа е единствениот начин да се симне товарот на бившото и да се зачекори напред.
Во саботата, пак, во рамки на Бит фест се одржа „Битолска народна вртелешка - еднодневно претставување и подучување за ора преку директно комуницирање со инструктори за народни игри, со цел поголемо доближување на ова знаење до сите генерации. На плоштадот “ Магнолија “ се играа и изучуваа народните ора од битолскиот регион, а на крај на манифестацијата, се одржа општонародна веселба, каде сите присутни сограѓани и иселеници имаа можност со професионалните играорци да играат и пеат.
БИТ ФЕСТ: ТЕАТАРСКА ПРЕТСТАВА „ФАКТОР ЖЕНА“
„Фактор Жена“ е заеднички проект на Together Macedonia која секогаш ги поддржува креативните независни уметници и воедно овозможува да се оствари секоја иницијатива од страна на младите луѓе и од друга страна театарската група „Без Маска“, создадена од млади креативци, која функционира на Битолската сцена веќе 4 години, а може да се пофали со многубројни успешно реализирани театарски проекти.
Претставата опфаќа женски животни приказни, работени по вистински случки, одлуки донесени од страна на жените, а гледани низ призмата на мажите, предрасуди, осудувања, стереотипи се само неколку од работите со кои треба да се соочат овие жени. Приказна која ги опфаќа вечните проблеми на жените кои се најизразени во 21 век, кога и покрај слободата на изразување живееме ограничени од стегите на општеството.
Во неделата се одржа изложба на олдтајмери Зг олдтајмер клуб „Ретро фрикс“. Изложбата се одржа на плоштадот Гоце Делчев во периодот од 10.00 до 15.00 часот, а беа изложени над 50 олдтајмери, меѓу кои и модели стари над 70 години. Во рамки на изложбата беа презентирани главно европски модели, но и неколку модели кои потекнуваат од Америка. Овогодинешната изложба на олдтајмери е трета по ред во рамките на БИТ ФЕСТ.
БИТ ФЕСТ„АЈРИ ДЕМИРОВСКИ НИЗ ПРИЗМАТА НА МУЗИКАТА“
Ајри Демировски е човекот кој ја напиша пената „Битола мој роден крај“ и беше прогласен за прв почесен граѓанин на општина Битола. Во рамките на настанот „Ајри Демировски низ призмата на музиката“ низ музички перформанс беа изведени песни кои ги компонирал и напишал Ајри Демировски, а беше презентирана и видео документација за неговиот живот.
БИТ ФЕСТ: ТАНГО И КЛАСИКА „КОНЦЕРТ ВО ЦРВЕНО“ ПЛАМЕНКА ТРАЈКОВСКА – СЕКСТЕТ
И овој пат атрактивниот секстет предводен од Пламенка Трајковска ја воодушеви публиката низ танго звуците повикувајќи ги посетителите од Широк Сокак кон Магаза и воодушевувајќи ги со прекрасната изведба на класичните дела во поп аранжман. Пламенка Трајковска секстет направи уште една незаборавна вечер на БИТ ФЕСТ..
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа