Собранието расправа за измените во владиниот кабинет

 

Собранието на Република Македонија денеска jа почна расправата по предлогот на Владата за назначување нови министри за образование и за труд и социјална политика, како и за именување нов министер за странски инвестиции и заменик-министер за локална самоуправа.

Според владиниот предлог, за нов министер за образование и наука се предлага Спиро Ристовски, кој досега ја извршуваше министерската функција за труд и социјална политика, а на негово место во Министерството за труд и социјална политика треба да дојде Диме Спасов, досегашен директор на скопскиот Катастар.

За нов министер без ресор е предложен Џери Наумоф, а испразнетото заменичко-министерско место во Министерството за локална самоуправа ќе треба да го презема Ѓорѓија Сајкоски.  

Премиерот Никола Груевски во образложението истакна дека досегашниот министер за образование и наука Панче Кралев одлично ја извршувал функцијата и успешно се справил со низа реформи. Меѓу поважните ги спомена екстерното тестирање кое е во тек во основните и средните училишта, 192 реконструкции на училишта, стипендиите за лица кои ќе се запишат на реномираните 100 универзитети во светот, зголемувањето на стипендиите за средно училиште и.т.н.

За новиот министер за образование, Груевски рече дека имал многу успешни реформи како министер за труд и социјална политика и оти покажал менаџерски способности за кои се надева дека ќе може да ги спроведе и како министер за образование.

- Спиро Ристовски е човек со кого имав соработка подолг период и можам да кажам дека се работи за извонреден менаџер и работник, посветен на работата. Длабоко сум убеден дека со успех ќе може да ја извршува новата функција, нагласи Груевски. 

Осврнувајќи се на образованието и досегашното искуство на новиот министер за труд и социјална политика, Груевски изрази надеж дека тој со успех ќе ја извршува новата функција.

За назначувањето на новиот министер без ресор кој ќе биде задолжен за привлекување странски инвестиции, Груевски рече дека се решил на ваков чекор затоа што двајцата досега именувани министри за странски инвестиции успешно ја извршуваат функцијата и како резултат на нивната работа многу странски компании почнале или размислуваат да инвестираат во Македонија.

- Се покажа дека ваквиот чекор за ангажирање на министри задолжени за странски инвестиции е исправен затоа што досегашните резултати се прилично задоволителни. Многу компании дојдоа во Македонија како што се Џонсон Мети, Џонсон Контрол, Декстер и Мајер, Комберт и Шуберт... Работата на еден ваков министер е прилично макотрпна и дава резултати по извесен период. Природната на неговата работа е таква што не може да се очекува резултат по неколку месеци, но со упорна и макотрпна работа од година или две доаѓаат резултатите. На почетокот и јас бев изложен на критики затоа што во првата и втората година сеуште не беа испорачани резултатите, но веќе во третата и четвртата година почнаа да доаѓаат резултатите и тоа ме охрабри да предложам уште еден ваков министер, рече Груевски.  

За новите министри Собранието ќе гласа по редовната едночасовна пауза.

најчитано сега